
Соопштение за јавност на СДСМ:
Скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ околу наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност е уште една политичка конструкција без покритие, со единствена цел да се дефокусира јавноста и да се креира лажна слика пред избори. Тоа денеска го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој повторно ги повика институциите – веднаш и целосно да ги декласифицираат документите за случајот.
„Не знам што мислеше ВМРО-ДПМНЕ кога го пушти скандалот – дали мислеа дека ќе се исплашиме? Но ние немаме од што да бегаме. Вистината е една, и ако излезе на виделина, ќе видат граѓаните дека во времето на владеење на СДСМ немало апсолутно никаква злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност, ниту некакво незаконско пратење или прислушување”, изјави Филипче.
Филипче укажува дека зад одбивањето на Владата да ги обелодени документите, се крие страв – не од злоупотреба, туку од тоа дека ќе се покаже отворено дека аферата е измислена и подметната.
„Сè што треба да направи Владата е материјалите да ги декласифицира. Тоа е едноставно. Ако навистина сакаат јавноста да знае што се случувало, тогаш нека дозволат увид во документите. Ако имало прислушување, нека се види кој кого следел, зошто и на чиј налог”, порача Филипче.
Тој предупреди дека со одбивањето да се декласифицираат документите, Владата не само што ја манипулира јавноста, туку директно ја гази улогата на Собранието и го поткопува Уставот.
„Жалам што ниту на пратениците не им е даден увид во тие материјали, иако тие имаат соодветни безбедносни сертификати. Со тоа, на некој начин е погазен Уставот”, рече тој.
Според него, прашањето е зошто ВМРО-ДПМНЕ се плаши од вистината:
„Зошто има потреба да се плаши некој? Зошто има потреба да се замајува јавноста? Зошто има потреба да се бега од вистината?” – праша Филипче.
Во заклучокот, Филипче упати јасна порака: ако навистина ВМРО-ДПМНЕ нема што да крие, нека дозволи јавноста да ја дознае целата вистина. Нека се види кој бил следен, дали премиерот комуницирал со лица под надзор, дали имало злоупотреба и кој ја нарачал.
„Ние ниту од нешто бегаме, ниту СДСМ нешто крие, ниту се плашиме од нешто. Нека се декласифицираат тие материјали и нека се види дали имало некаква злоупотреба. Граѓаните заслужуваат вистината”, истакна Венко Филипче.