Утрински Весник
Македонија

Заврши јубилејното 15. издание на Баскерфест – фестивал кој повторно ја оживеа уличната сцена низ Македонија

Jo109095.jpg

Со последната фестивалска вечер одржана на 6 септември на плоштадот во Гевгелија, заврши јубилејното 15. издание на Баскерфест – најголемиот уличен фестивал во Македонија и еден од највозбудливите и најпрепознатливи културни настани во регионот.

Под мотото „Побарај ја забавата“, Баскерфест оваа година, по неколкугодишна пауза се врати посилен и повозбудлив од кога било досега, носејќи ја уметноста директно до граѓаните и претворајќи ги плоштадите, улиците и јавните простори во сцени полни со енергија, боја и магија.


Фестивалскиот караван започна на 25 август во скопската општина Кисела Вода, а потоа продолжи во Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово, за од 1 до 4 септември повторно да се врати во главниот град, гостувајќи во општините Бутел, Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров. Последните два фестивалски дена беа резервирани за Куманово и Гевгелија.

Вкупно 13 локации во 9 градови низ земјата беа дел од ова двонеделно патување, кое собра илјадници посетители и љубители на уличната уметност.

На јубилејното издание настапија повеќе од 20 интернационални уметници од четири континенти, меѓу кои: огнениот спектакл на Plucie Ogniem од Полска, харизматичниот театарско-циркуски артист Hiram Meza од Чиле, несекојдневниот уницикл-шоу перформанс „Equilibrium“ на Mr. Mostacho, шармантниот бразилски куклар Edu Boneco со своите Carolina и Maria Beijoqueira, како и канадскиот уметник Sean Rooney кој воодушеви со својата балон-уметност.

Локалната публика со особена топлина го прифати и македонскиот артист Кристијан Бенито, кој со својот автентичен стил внесе домашен дух во интернационалната програма. Свој настап имаа и The Beat Killers Academy од Албанија со урбани танцови перформанси, како и статуетите од Србија, кои со неверојатна актерска уметност ги воодушевија посетителите. За музичката атмосфера беше задолжен DJ MartiAn, кој секоја вечер ја претвораше фестивалската сцена во вистинска забава.

Организаторот Пане Темов истакна дека ова јубилејно издание потврди зошто Баскерфест е уникатен и неопходен на културната сцена.

„По неколку години пауза, се вративме на улиците посилни и повозбудливи од кога било досега. Илјадници луѓе низ Македонија беа дел од оваа приказна, создавајќи спомени што ќе траат. Баскерфест останува симбол на слободен дух, културна размена и човечка поврзаност. Благодарност до сите градови, институции, уметници и посетители што го направија ова 15. издание незаборавно“, посочи Темов.

Преку акробатски настапи, комични перформанси, музика, театар и уметнички експерименти, Баскерфест 2025 уште еднаш докажа дека културата не мора да биде ограничена во сали и галерии – таа живее на улица, меѓу луѓето, како универзален јазик што поврзува.

Со ова заврши јубилејното издание, но фестивалот и понатаму останува симбол на уличната уметност во Македонија, со надеж дека во идните години повторно ќе донесе магија, радост и незаборавни моменти на нашите улици и плоштади.

Можете да прочитате

Активни пожари во Депонија Дрисла, Никуштак и Булачани, во селото Татеши и во населбата Еленкамен

Ангелов: Постојат сомнежи дека пожарот во „Дрисла“ е предизвикан намерно

Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ