
Пожарникарите денеска целосно го изгаснаа големиот пожар кој вчера предизвика делумно уривање на магацин во пристаништето во германскиот град Хамбург, соопштија локалните власти.
Околу 120 пожарникари работеле на ликвидирање на последните жаришта, а портпарол на противпожарната служба потврди дека „пожарот во големата хала е целосно изгаснат“.
Според првичните информации, огнот избувнал поради запалено возило во магацинот, а дополнително биле предизвикани и експлозии од контејнери со гас под притисок. Полицијата сѐ уште не може да започне истрага поради присуство на токсични гасови на местото.
Првично беше потврдено дека шест лица се повредени во пожарот што избувна вчера попладне во округот Ведел на југоистокот на Хамбург. Еден од нив е во критична состојба, а друг е сериозно повреден, објави ДПА.
Дополнително, тројца пожарникари се повредени во експлозијата, а возач е повреден од остатоци што паднале на автопатот А1. Дваесет и пет лица се спасени од областа, некои од нив со брод.
Покрај непосредната опасност од пожар, гасните боци складирани во магацинот експлодираа во текот на неколку часа, од кои некои беа фрлени неколку стотици метри во воздух и предизвикаа дополнителни пожари во околниот простор.