Утрински Весник
Македонија

Љутков: Објавена е јавната набавка за изградба на Универзална сала

Image 2025 08 20 210629362.png

Објавена е јавната набавка за изградба на Универзална сала. План е до крај на 2027 година да биде готова. Со одлука на Влада, биле обезбедени 20 милиони евра.  За ова вечерва информираше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Љутков, во гостување на телевизија „Канал 5“, исто така, најави дека утре во Охрид ќе се одржи третата седница на Националната комисија за УНЕСКО, чиј претседател е тој, на која ќе се разговара за проблемите и забелешките и препораките од УНЕСКО. 


– Ќе се донесат заклучоци, ќе ја информирам Владата и ќе видиме кои ќе бидат следните чекори, најави Љутков, посочувајќи дека ќе треба да се направи координација и со албанската страна по ова прашање. 

На прашање што со оштетената зграда на Министерството заштитена со закон како културно наследство, тој појасни дека се разговара со Управата за заштита на културното наследство, да се даде конзерваторско мислење околу чистење на фасадата. Веќе било добиено мислење околу прозорите, изработен бил проект и за следната година ќе било ставено во програма да се сменат, автентично. Се планирало наредната година да се обезбедат средства со Министерството за финансии. 

Запрашан околу Скопје – европска престолнина на културата и околу коментарите за стравувањата да не биде повторно дебакл како последното меѓународно искуство, Љутков увери дека „нема потреба од паника, во делот на организацијата“.

Љутков истакна дека за една година биле преземани голем дел активности, но, носител на титулата европска престолнина на културата бил Градот Скопје. Министерството било помагател и се работело на програмата. Националните културни установи, до 2028 година, ќе биле подготвени за тоа. Универзална сала, исто така, ќе била дел од тие настани.  

Во врска со меморијалната соба на Петре М. Андреевски, изрази жал, што, како што рече, сме во време на негативни и сензационалистички вести што се примат и многу време се губи за да се објаснува. Нема, рече влага и мувла, нема несоодветни услови, во целиот објект и сместувачките капацитети. 

Во врска со споменикот на Мајка Тереза, на плоштадот „Македонија“, кој бил дивоградба, тој одговори дека ќе се види дали може да се обезбедат сите законски услови да се гради.  – Доколку се обезбедат, тогаш ќе продолжиме да го градиме, бидејќи треба да го завршиме. Доколку не, ќе се бара начин, можеби ќе се преименува во нешто друго. Доколку не успееме да го вратиме во таа позиција, како што треба да биде, можеби ќе се најде некаков друг модел. Но, за тоа, се разбира, ќе треба да разговараме, подвлече Љутков

Можете да прочитате

Во регистарот на ДКСК евидентирани 1.916 службени возила – ќе добијат црвени таблички до септември 2025

Систина му се закани, Кедев одговори: Оваа тужба ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство

ЦУК: Од вкупно 13 пожари на отворен простор, активни се четири