Утрински Весник
Македонија

4,8 тони кокаин пронајдени во водите на Мартиник – уапсени членови на Балканскиот картел, поврзани со убиството на Србин и Македонец во Боливија

2353943.jpg

Припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за криминалистичка полиција (УКП) и Службата за борба против организиран криминал (СБПОК) запленија 4,8 тони кокаин во меѓународна операција спроведена во водите на Мартиник, Франција, во текот на месец јули. Акцијата беше изведена во соработка со американската DEA, Заедничката меѓуагенциска работна група Југ (JIATF-S), како и Националната агенција за криминал на Велика Британија (NCA).

По запирање и детално претресување на бродот „GALEXYR“, специјализиран реморкер за транспорт на цемент, долг 76 метри, пронајдени се 4.841 килограми кокаин, распоредени во 153 бали. На бродот биле затекнати 11 лица – претежно државјани на Хрватска и Црна Гора, како и В. Ѓ. (41) од Србија, кој е приведен и се наоѓа во притвор.


Операцијата беше координирана од Центарот за поморска анализа и операции – наркотици (MAOC-N) и француската морнарица. Во самата истрага, српските истражители потенцираат и одлична соработка со хрватската полиција и Европол.

Според наодите, В. Ѓ. е член на „Балканскиот картел“ и вистински сопственик на компанијата „VTS-Maritime Counsalting DOO“, фирма што официјално се занимава со регрутирање морнари за прекуокеански бродови. Сам тој е лиценциран морнар со дозволи за управување со повеќе видови пловни објекти.

Истражните органи имаат сомневање дека оваа огромна пратка кокаин е поврзана со неодамнешното тројно убиство во Боливија, во кое животот го загубија членови на „Балканскиот картел“ – државјани на Србија, Северна Македонија и Хрватска.

Властите истакнуваат дека акцијата претставува значаен удар врз организираниот криминал, а СБПОК најавува дека ќе продолжи со координирани активности со партнерските служби во Србија, Европа и светот, со цел искоренување на меѓународните криминални структури.

Можете да прочитате

Три пожари се активни до 18 часот – гори Јасен и Парк шума Водно

Подобрувањето на политичката понуда е клучен чекор кон подобра демократија

По 4.000 за секое прваче во оваа општина