
Прочитав дека 11 часа по објавата на кандидатурата за градоначалник на Центар на поранешната претседателка на Антикорупциска, затропале на врата од обвинителство преку нивните сателити од МВР. Билјана добредојде во клубот. ✊ Сè што си напишала во постот како да сум го пишувал јас, вели Стевчо Јакимовски.
За овие на власт нема ништо свето.
Сите се нечесни – освен тие.
А кои се тие?
Тие се оние за кои Ѓорге Иванов носеше аболиција.
Истите оние на кои Зоран Заев им донесе закон за амнестија.
Тие се оние за кои Али Ахмети направи измени и дополнувања на кривичниот закон за да се спасат еден куп нивни функционери.
И, нормално, се заборавија.
Пак почнуваат со истата репресија.
Трајко Славевски ќе ги гони оние што во кеш купувале станови, инаку тие плаќаат сè на фактура.
Познати се по тоа.
Тебе ќе те гонат затоа што си се дрзнала да се кандидираш за многу јака функција – дури за градоначалник на општина!
А зошто?
Па зашто ним им требаат градоначалници-фикуси! 🌱
Фикуси кои растат или на лево или на десно.
Па дури и градоначалникот да биде фикус, тие не сакаат да биде исправен – мора да биде или Курто или Мурто.
Сè друго што ќе се појави, ја нема таа „благородничка“ крв.
Го нема нивниот партиски печат, а тоа значи нема да ја има партиската послушност.
Реков „добредојде во клубот“ затоа што и мене пресудата ми ја соопштија на 23 април.
Виновен сум затоа што според нив 2+2 било шест, а јас тврдам дека се четири.
Да, виновен сум – и еве четврти месец минува, а пресуда немам.
И не можам да се жалам на повисоките судски инстанци.
Сè што можеа – избербатија.
Обвинителство, судство, полиција – сите се во служба на власта.
Неодамна и градоначалникот на Крива Паланка доби кривична пријава.
Како бе, господа слуги, не се посомневавте еднаш во некој од вашите каци?
Што се правите глуви и слепи?
Не слушате за рекетите?
Не гледате што се прави?
До Билјана Ивановска ли ви дојде? Таму ќе ја барате корупцијата?
Што не ја побарате во Чаир?
Или во некоја друга општина раководена од властодржечката партија?
Почитувана Билјана,
Продолжи каде што си тргнала – а ничија не горела до зори. 🌅
Пак ќе им се случи истото, пак ќе бараат аболиции, амнестии, измени на закони, пак ќе квичат дека се политички малтретирани и репресирани.
Но, се ми се чини дека наредниов пат луѓево повеќе ќе памтат и нема да ги прават истите грешки.
Колку повеќе репресираат луѓе како тебе, толку повеќе ќе се зголемува отпорот против нив, заврши Јакимовски.