Утрински Весник
Македонија

Убиецот од Бардовци, преместен во притвор во Шутка: ќе биде изолиран од останатите притвореници

Screenshot 2025 08 05 at 21.29.35.jpg

Кривичниот суд во Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и одреди мерка притвор од 30 дена за 36-годишниот Димитар Спасов, осомничен за бруталното убиство во Психијатриската болница „Скопје“ – Бардовци.

„Прифатен е предлогот на ОЈО за определување мерка притвор од 30 дена и е спроведен во КПУ Затвор Скопје, во посебно одделение, изолиран од останатите притвореници“, потврдија од судот за „Скопје1“.


Обвинителството отвори постапка за кривично дело – убиство по член 123 став 1 од Кривичниот законик, откако Спасов со стаклено шише смртно го повреди својот цимер, пациент со иницијали И.Т., по наводна кавга за легло. Телото на жртвата е предадено на обдукција.

Спасов, кој во 2012 година беше прогласен за непресметлив по убиството на својата мајка, подолго време бил забележуван како слободно се движи низ Ѓорче Петров и седи по кафеани, иако формално бил на задолжително лекување во психијатриската болница каде ја издржувал казната. Полицискиот надзор му бил повлечен по одлука на правосудни органи, а од болницата излегувал и се враќал без контрола.

„Скопје1“ објави дека осомничениот имал активни профили на социјалните мрежи, каде споделувал насилни снимки и повикувал на тепачки. Според сведоци, во болницата кон вработените и пациентите упатувал закани, малтретирал, а во објектот имало и алкохол.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста и ја отвори дебатата за безбедноста, надзорот и третманот на опасни пациенти во психијатриските установи, како и за одговорноста на институциите кои дозволиле лице со вакво досие повторно да убие.

Можете да прочитате

Предлагачите на законот за заштита од пушењето не го слушнаа гласот на малите трговци

Уапсен тетовчанец – се заканувал со снимки за да добие пари

Левица: Оставка од Трипуновски по двата големи скандали со поткуп во Министерството