
Скендер Реџепи-Зејд, пратеник и лидер на Народното движење, ќе биде кандидат за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Европски фронт“. Ова попладнево го објави лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, преку својот фејсбук-профил.
Ахмети нагласи дека одлуката е донесена со целосно единство, по консултации со лидерите на политичките партии членки на „Европски фронт“. „Со заедничка одлука, се договоривме дека наш кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде Скендер Реџепи, кој е претседател на политичката партија Народно движење“, истакна Ахмети.
Во својата објава, Ахмети го опиша Реџепи како човек со долгогодишно искуство во граѓанскиот сектор и во граѓанското општество. Тој е дипломиран на Филозофскиот факултет, а моментално е пратеник во Собранието на Северна Македонија. „Неговата кандидатура претставува не само единство на прогресивните сили на Албанците во Северна Македонија, туку и јасна алтернатива на Скопје, град кој заслужува еднаков развој“, додаде Ахмети.
Според него, „Европскиот фронт“ е уверен дека со Реџепи-Зејд, Скопје ќе добие градоначалник кој ја познава реалноста, ги слуша граѓаните и работи подеднакво за сите.
Со оваа одлука, Реџепи-Зејд се приклучува на трката за градоначалник на Скопје заедно со Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Башким Бакиу од ВЛЕН и Каја Шукова од СДСМ.