Утрински Весник
Македонија

„Јон Вардар против Галаксијата“ со награда за најдобра анимација во Италија

20250804080938 big 730x400 83.webp.webp

Првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, беше награден со престижната награда за најдобра анимација (Best Animation Award) на овогодинешното издание на Ariano International Film Festival, што се одржа во италијанскиот град Аријано Ирпино.

-Филмот успеа да нè маѓепса со својата неукротлива креативност, зачудувачки стил и способност да ги истражува чудата и тајните на вселената. Ова филмско дело нè катапултира во врелиот космос на животот, каде што футуристички астронаути танцуваат низ непознати галаксии, а вселената е населена со вонземјани од секакви облици и големини. Секој кадар е триумф на имагинацијата – со ликови со чудни сличности и пејзажи исполнети со необични вонземски светови. Филмот претставува доказ дека анимацијата може да биде моќно средство за истражување на длабоки теми, притоа нудејќи забава, емоции и визуелна магија, се наведува во образложението на жирито.


Гости на фестивалот годинава беа италијанскиот режисер Матео Гароне, познат по филмовите Гомора и Пинокио, и кој одржа специјална мастер-класа за младите автори, потоа Ралф Мачио, ѕвездата на Карате Кид и Кобра Каи, а почесен гостин на фестивалот беше Карло Вердоне, еден од највлијателните италијански актери и режисери, чие уметничко творештво е поврзано со легендарниот Серџо Леоне, кој бил негов ментор на почетокот на кариерата.

Ова е второ меѓународно признание за филмот, по наградата за најдобра анимација која претходно ја освои на фестивалот Портовјехо во Еквадор, а досега беше селектиран на повеќе реномирани меѓународни фестивали.

-Ова претставува големо охрабрување за целиот тим што работеше на филмот. Особено ме радува што Јон Вардар против Галаксијата е препознаен и ценет не само од фестивали посветени на анимацијата, туку и од жанровски фестивали и манифестации со различни профили и сензибилитет кон филмската уметност. Македонската анимација сè појасно се наметнува како значаен претставник на современата европска и светска сцена, и драго ми е што сум дел од овој културен бум на нашата национална кинематографија, изјави режисерот Гоце Цветановски по повод наградата.

Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

Можете да прочитате

Воената академија во Скопје ќе добие спортска сала, покрај питомците ќе ја користат и училиштата во општина Аеродром

Задутре времен застој на ГП “Делчево” заради градежни работи

Ангелов го испрати воздухопловниот тим на хеликоптерот „Блек Хок“ од Чешка