Утрински Весник
Македонија

Интерпелација без тежина, јавниот обвинител останува на функција

Black white grayscale building construction presentation 1.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека актуелниот републички јавен обвинител Љубомир Коцевски, и покрај изгласаната недоверба во Собранието, останува лојален на поранешната владејачка коалиција на ДУИ и СДСМ. Тој додаде дека правните ограничувања поврзани со изборниот процес го спречуваат Владата да преземе конкретни чекори за негово разрешување.

„Се сеќавате дека од опозицијата ме обвинуваа за соработка со него, за диктирање обвиненија и опструкции. А сега гледаме дека поддршката за него доаѓа токму од пратениците на ДУИ, оние кои ме напаѓаа. Тоа го покажува вистинското лице на состојбата – тој и натаму е лојален на тие што претходно му ја дадоа поддршката“, изјави Мицкоски.


Тој истакна дека Владата во моментов е ограничена во своето дејствување поради законските забрани за кадровски промени во период на распишани избори.

„И да сакаме да го разрешиме, не можеме – изборниот процес почнува наскоро. Најверојатно, изборите ќе бидат распишани кон крајот на следната недела. Сите избори и именувања се стопираат. Ќе продолжиме од ноември. Доколку самиот даде оставка, ќе се соочиме со дополнителен лавиринт поради правните ограничувања. До избор на нов обвинител, работата ќе ја извршуваат неговите заменици“, објасни премиерот.

Во понеделникот, пратениците изгласаа интерпелација против обвинителот Коцевски, но со оглед на тоа што интерпелацијата нема правно дејство, тој останува на функцијата сè додека не поднесе оставка или Владата формално не го разреши.

Во интервју за весникот „Вечер“, Коцевски изјави дека не планира да си замине, туку „уште поревносно ќе се посвети на работата“, особено на клучните истраги како „Онкологија“, „Пулс“ и „Крмзов“, за кои, како што тврди, постојат цврсти докази.

Во врска со поништувањето на конкурсот за судија во Европскиот суд за човекови права, Мицкоски соопшти дека е формирана нова комисија во која учествуваат сите претставници од судските институции.

„Тие нека одлучат кој е најдобар кандидат“, додаде премиерот.

Иако институциите формално функционираат, ситуацијата со јавниот обвинител отвора прашања за политичкото влијание, за поделбата на власта и за ефикасноста на механизмите за отчетност во правосудниот систем.

Можете да прочитате

Бленди Ходаи: За Кочани ќе нема правда зашто институциите се фокусираа на контаминација на гневот и револтот на граѓаните

Шукова со честитка за Илинден: Заедно да градиме нова иднина, да ги движиме и Скопје и Македонија напред!

Од понеделник времен режим на сообраќај на патот Градско – Дреново поради изградба на клучката Дреново