Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова за преименувањето улици во Тетово: Ќе се реши така како што треба – граѓански, инклузивно, со консензус

20250724212119 big 730x400 66.webp.webp

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва се сретна со тетовскиот градоначалник Биљал Касами во Општина Тетово, а одговори и на прашањето на МИА за темата околу преименувањето на улиците во градот. Таа рече дека за темата околу именувањето улици добила писмо, но и дека ветила разговор и со градоначалникот.

– Сигурна сум дека штом ме покани мене на ваков настан дека има разбирање и за дилемите што мене ми ги предочуваат и мислам дека тоа ќе се реши така како што треба – граѓански, инклузивно, со консензус. Секогаш велиме дека тоа таканаречено двојно мнозинство и бадентерово мнозинство подеднакво важи и на централно и на локално ниво и дека никој не може да биде и не треба да биде исклучен кога се решава за прашање што директно го засегаат идентитетот, а со тоа и интегритетот на сите луѓе, рече претседателката Сиљановска-Давкова.


Таа истакна дека една од причините што е во Тетово е да покаже дека е претседателка не само на граѓаните во Скопје, туку на сите граѓани, без оглед на припадноста.

– Исто така, да покажам и дека сум спремна да одам и таму каде што градоначалниците не се од македонска етничка припадност, бидејќи тоа е ирелевантно за граѓанското општество. Проблемите се исти секаде ги засегаат сите луѓе и така треба да се однесуваме ние, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами рече дека го има истиот став како претседателката.

– Се работи за именување улици, плоштади, мостови, што е инклузивен процес, но и транспарентен процес, а секој граѓанин на Тетово треба да биде дел од тој процес, што за нас е многу важно. Секој граѓанин на Тетово да има стан, да има куќа со број, со име на улица, да покажеме дека и Тетово е европски град каде граѓаните ќе живеат во модерни, во урбанизирани услови и секој ќе има адреса кај што може да го најдат институциите и пријателите, како што е во било кој европски град, истакна Касами.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со Касами потоа на плоштадот присуствуваа на македонската музичка вечер која е во рамки на манифестацијата Тетовско културно лето.

Можете да прочитате

Реакција од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ на прес конференцијата на „Антикоцкање“

Зголемена фреквенцијата на возила на граничните премини Табановце и Пелинце

СДСМ: Над 20% од територијата на Македонија изгоре во пожари, не му оди на Мицкоски со патриотизмот