Утрински Весник
Македонија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја партизира културата – нестручни лица се поставуваат за директори на национални институции 

Sdsm.jpeg

Соопштение на СДСМ:

ВМРО-ДПМНЕ  ја партизира и културата, претворајќи ја во свој партиски плен, каде неспособноста и непотизмот владеат над професионализмот.


СДСМ најостро реагира на најновите скандалозни партиски поставувања во културните институции, со кои Министерството за култура предводено од Зоран Љутков целосно го урива професионалниот и институционален интегритет на културниот систем во државата.

Скандалозните партиски поставувања на директори во националните културни институции се доказ за крајната неодговорност и негрижа кон културниот развој.

Наместо промена и професионализација, гледаме драстично понижување на стручноста и крајно деградиран културен систем под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Прво, на чело на Националната филхармонија беше скандалозно поставен Мустафа Имери. Ова назначување предизвика оправдан револт кај стручната јавност и музичката фела .Но наместо повлекување,следуваше нов скандал – за директор на Националната галерија е поставен Али Синани, уметник кој нема ниту ден искуство во музејската дејност, ниту, пак, познавања од управување со институции од ваков калибар.

Зарем ова е ветениот „нов пристап” на Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ?  Зарем не ветуваа крај на скандалите и професионализам во културата?

Реалноста е спротивна, единствено што направија за една година беше промената на Законот за култура, со цел да ги спуштат критериумите за избор на директори, за да можат полесно да поставуваат партиски лојалисти и роднински кадар.

Ваквиот однос е навреда за стручноста, понижување на културните институции и отворена демонстрација на клиентелизам и непотизам.

Го повикуваме Министерството за култура и министерот Љутков итно да ги поништи одлуките за назначување на Мустафа Имери и Али Синани, да распише нови, транспарентни конкурси со јасни стручни критериуми и да престане со партиската окупација на културата.

Културата не смее да биде трофеј во партиските борби – ВМРО-ДПМНЕ мора да разбере дека јавните институции служат на граѓаните, а не на партиските кадри. Институциите не смеат да бидат експериментална лабораторија за неспособни и неподготвени кадри.

Можете да прочитате

Турски државјанин измамен во Гостивар за 2700 евра

Се најавува сериозен снежен бран на Балканот

Предлагачите на законот за заштита од пушењето не го слушнаа гласот на малите трговци