Утрински Весник
Македонија

Муртезани: Ние сме најдобриот пример за отпорност и упорност во постигнувањето на нашата крајна цел – членството во ЕУ

20250717110026 big 730x400 60.webp.webp

Проширувањето на ЕУ е повеќе од само проширување на границите, туку тоа е и проширување на перспективите и заедничките судбини на граѓаните, па затоа земјава останува непоколеблива во негувањето на социјалниот дијалог, јакнењето на граѓанското општество и инвестирањето во младите, изјави денеска во Брисел министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Во обраќањето на Форумот за проширувањето на ЕУ насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“, Муртезани нагласи дека на сите овие заложби земјава не гледа како на обврски, туку како на принципи на вистинска инклузивна и демократска Европа, во која што дијалогот ги обликува политиките.


– Секако дека не е лесно да се чека 20 години и во поголемиот дел од тој период како предводник во европската интеграција, но секако случајот со Северна Македонија е најдобриот пример за отпорност и упорност во постигнувањето на нашата крајна цел, рече Муртезани.

Тој додаде дека и во вакви услови, по 20 години чекање, во земјава се уште има 65 до 70 отсто поддршка за европската интеграција, што покажува дека македонските граѓани се уште се убедени дека нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.

– Како што знаете, Западниот Балкан дури и географски е дел од Европа и можам да кажам заден двор на Европа, кој е подеднакво важен како и предниот двор, бидејќи и претходно видовме дека тој може многу лесно да се користи за ризични геополитички експерименти, рече Муртезани.

Според него, доколку граѓаните не видат опипливи резултати во пристапниот процес, ќе станува се потешко да се зголеми нивната поддршка за членство, па затоа е потребно нивно информирање за придобивките од проширувањето уште пред зачленувањето.

– Една од лекциите што ги научивме во нашата интеграција е дека реформите дефинитивно стануваат поодржливи ако имате чувство за заедничка цел, рече Муртезани.

Тој додаде дека на Европската Унија гледа како на жива приказна, кој носи надеж за младите генерации и дека нејзиното проширување не е само географија и политика, туку и можност за остварување на соништата, заедничките амбиции и нашата колективна цел.

Муртезани нагласи дека во земјава се сфаќа улогата на граѓанското општество во процесот на проширување, како и дека социјалниот дијалог не е само механизам за поддршка, туку е темел на целата демократија.

Потенцира дека Владата воспостави структурни партнерства со многу граѓански организации за да го направи пристапниот процес потранспарентен и инклузивен, како и дека многу невладини организации се дел од Комитетот за следење на спроведувањето на Планот за раст,

– Неодамна нашата Влада усвои посветена стратегија за соработка и развој, за да покажеме дека граѓанското општество е опфатено со принципите на инклузивност, одговорност и отвореност. Неговата визија е апсолутно јасна – професионален и независен граѓански сектор целосно интегриран како партнер во креирањето политики, сектор кој ги одразува аспирациите на општеството и ги одразува интересите на граѓаните, истакна Муртезани.

Муртезани се заблагодари на организаторот на собирот, Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и посебно на неговиот претседател Оливер Ропке затоа што ова е првата институција на ЕУ која ги вклучи и кандидатите за членство, како многу важен чекор кон нивната постепената интеграција во Унијата.

Можете да прочитате

(Фото) Камион вечерва гори на автопатот Скопје – Тетово

(Фото) Камион вечерва гори на автопатот Скопје – Тетово

Локализирани поголем дел од пожарите во Куманово и Старо Нагоричане