
Група студенти синоќа останале заглавени на железничката станица во Велес, откако патничкиот воз кој тргнал од Скопје кон Битола во 20:05 часот, застанал во Велес околу 21:50 часот и не го продолжил патувањето.
Според сведочења на патници, вклучително и студенти кои патувале кон Битола, немало навремено известување ниту објаснување за причината поради која се задржува возот. Единствено што им било соопштено подоцна било дека треба да се префрлат во друга композиција која пристигнува од спротивен правец.
Патниците останале во неизвесност и без јасни информации колку време ќе трае застојот и кога ќе го продолжат патот. Дел од нив апелираат до „Железници на РСМ – Транспорт“ за подобра комуникација и навремено информирање при вакви ситуации, особено кога станува збор за вечерни термини и млади патници.