
Велика Британија спроведува тајна програма за преселување на илјадници Авганистанци, вредна 850 милиони фунти, по истекувањето на личните податоци на речиси 19.000 лица кои аплицирале за Програмата за преселување и помош на Авганистанци (АРАП).
Истекувањето се случило во февруари 2022 година, кога службеник од Министерството за одбрана по грешка испратил податоци со имиња и контакти на апликантите и нивните семејства надвор од безбеден систем, јави ДПА, посочувајќи дека сега може да се извесува за безбедносниот пропуст.
По откривањето на пропустот во август 2023 година, Велика Британија во април 2024 година ја започна програмата „Пат на одговор за Авганистан“, преку која досега се преселени околу 4.500 лица, вклучувајќи 900 апликанти и 3.600 членови на нивните семејства. Се очекува до крајот на програмата да бидат преселени околу 6.900 лица, со вкупни трошоци од 850 милиони фунти, вклучувајќи трошоци за преселување, сместување и правни трошоци. Дополнително, се очекуваат милионски трошоци за компензација поради правни тужби за заштита на податоци.
АРАП беше програма за преселување на Авганистанци кои соработувале со британската влада и биле изложени на ризик од одмазда по преземањето на власта од страна на Талибанците во 2021 година. Истекувањето на податоците ги загрозило овие лица, со потенцијален ризик од малтретирање, тортура или смрт доколку Талибанците дојдат до информациите. Сепак, независна ревизија во јуни 2025 година заклучи дека податоците веројатно нема значително да ја зголемат заканата од Талибанците.
Програмата за преселување предизвика контроверзии, особено поради невидениот судски налог за забрана на објавување информации за случајот, издаден во септември 2023 година, кој беше укинат денеска. Според судски одлуки, налогот бил воведен за да се спречи информирањето на Талибанците за постоењето на податоците, но ревизијата покажа дека мерката можеби била претерана. Досега, преку АРАП и други програми, во Велика Британија се преселени околу 36.000 лица, а програмата АРАП е официјално затворена за нови апликации од март 2025 година.