Утрински Весник
Македонија

Тасевски: Владата ги прифати барањата на контролорите на летање – штрајкот во М-НАВ ставен во мирување

Aleksandar tasevski.jpg

Најавениот штрајк во М-НАВ се става во мирување откако Владата ги прифати сите барања на Синдикатот на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ), потврди за 24 Инфо претседателот на синдикатот Александар Тасевски.

„Сите наши барања се прифатени. Штрајкот е ставен во мирување а ССКЛМ очекува итна реализација на договорените точки“, изјави Тасевски.


Одлуката следува по серија реакции од страна на ССКЛМ кои во известување од 19 јуни 2025 година побараа од раководството на М-НАВ да го поништи огласот за нови вработувања и итно да пристапи кон реализација на обврските од минатогодишната Спогодба, потпишана на 13 јули 2023, која тогаш го стави штрајкот во мирување.

Во дописот до Управниот одбор на М-НАВ, синдикатот укажа на сериозно влошена состојба во компанијата, предизвикана од нарушени меѓучовечки односи, блокирани јавни набавки, проблеми со техничките системи и прекршување на Колективниот договор. ССКЛМ остро реагираше и на, како што наведоа, „неосновани измени во систематизацијата“, како и на неодамнешниот оглас за нови вработувања, кои не одговарале на реалните и итни потреби на компанијата.

Синдикатот побара пополнувањето на работните позиции да се изврши преку интерни прераспределби и реорганизации, со рационално искористување на постојниот кадар. Посочија и на недостиг од инженерски и контролорски кадар, застарен технички систем кој може секој момент да откаже, како и на фактот дека повеќе од девет месеци М-НАВ нема ангажирана агенција за обезбедување – и тоа во услови на рекорден пораст на авионските прелети.

Со прифаќањето на барањата од страна на Владата, најавениот штрајк, кој требаше да започне на 10 јули, е ставен во мирување, а ССКЛМ очекува итна реализација на договорените точки и сериозна институционална ангажираност за надминување на наталожените проблеми.

Можете да прочитате

Битиќи: Во ребалансот власта не дава пари за плата од 100.000 денари за пожарникарите

Ѓорѓиевски им подаде рака на угостителите: Заедно за модерен Скопје

Пенка Мукаетова именувана за нов потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија