
АД за услуги во воздухопловна навигација М-НАВ, компанија во државна сопственост, соопшти дека презема низа чекори за кадровско засилување, модернизација на опремата и имплементација на нови технологии, во насока на целосна реорганизација и стабилизација на работењето. Од компанијата информираат дека првата половина од 2025 година е завршена со позитивни резултати, при што бројот на прелети над македонското небо е зголемен за над 12 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Според соопштението, новите вработувања ќе бидат во насока на замена на пензионирани или наскоро пензионирани кадри, како и заради зголемениот обем на работа и планираните генерациски смени. М-НАВ најави дека ќе се вработат четири метеоролози-прогностичари, еден метео-набљудувач и еден инженер за сајбер безбедност. Дополнително, ќе се школуваат шест нови контролори на летање во европски специјализирани центри, кои ќе бидат избрани преку тендерска постапка.
„Се прават огромни напори за стабилизација на компанијата, која долги години беше предмет на несериозно и неодговорно раководење“, наведуваат од М-НАВ, додавајќи дека веќе се гледаат резултати од новиот пристап во менаџирањето.
Во периодот јануари–јуни 2025 година се реализирани 133.474 летови, наспроти 119.972 во истиот период лани, вклучително и летовите кон и од Скопје и Охрид. Порастот на прелети е значителен и во апсолутна и процентуална смисла, што, според раководството, е резултат на добро планирање и искористување на капацитетите на контролата на летање.
Сепак, одредени тензии постојат. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) на 19 јуни информираше дека испратиле барање до раководството за поништување на последниот оглас за нови вработувања и за почитување на минатогодишната Спогодба, која беше основа за прекин на најавениот штрајк. Доколку не се исполнат обврските од Спогодбата најдоцна до крајот на месецов, ССКЛМ најави реактивирање на штрајкот од 10-ти месецов.