Утрински Весник
Македонија

Пожар кај Психијатриската болница „Скопје“, ситуацијата е стабилизирана

Img 1921.jpeg

Попладнево избувна пожар во скопската населба ГеГе, кој поради силниот ветер се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“. Делот од дворот бил обраснат со висока сува трева и дрвја, што претставуваше сериозна закана огнот да се прошири низ целиот комплекс на болницата.

Министерството за здравство ја информира јавноста дека ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.


Од безбедносни причини, во координација со противпожарните служби, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и медицинскиот персонал. Благодарение на навремената реакција на надлежните служби, пожарот не зафати ниту еден од болничките објекти, не е причинета материјална штета и нема повредени.

Центарот за управување со кризи (ЦУК), под раководство на директорот Мухамед Али, веднаш побара засилување од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координираше со Хеликоптерската единица на МВР. Иако првично беше разгледувана можноста за вклучување на воздушна поддршка, поради успешната локализација на пожарот, не беше потребно пренасочување на хеликоптерот, кој остана ангажиран во гаснењето на друг пожар кај Блаце, во општина Чучер Сандево.

На лице место беа директорот на ЦУК, Мухамед Али, и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои лично ја надгледуваа и координираа интервенцијата за обезбедување на пациентите и персоналот.

Во објектите на болницата останува дежурен медицински и административен тим, кој внимателно ја следи состојбата.

Можете да прочитате

Јанчев од Левица: Барајте од другите пратеници поддршка за амандманот за прогласување на Кожуф за национален парк

(Видео) Три хеликоптери утрово повторно дејствуваат на пожарот кај Блаце

Денес и утре (понеделник – вторник 7/8 јули) повторно над 40 степени!