Утрински Весник
Македонија

Брука сте, одете си од Судскиот совет – судијата Ненад Савески до Антоанета Димовска по изборот на в.д. претседател на Кривичен

Sudski sovet mia.jpg

„Одете си од таму веќе! Доста е од вас! Брука сте!“ Вака почнува пораката што судијата во Кривичниот суд, Ненад Савески, ѝ ја испратил на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, а со која жестоко реагира на нејзината поддршка за вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје, наместо најдобро оценетиот судија, да биде назначен единаесетторангираниот, во случајов судијката Даниела Димовска.

Изборот на в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје беше на дневен ред на денешната седница на Судскиот совет, откако досегашниот шеф на најголемиот суд во државата, според обемот на предмети и кадар, Иван Џолев, беше избран за судија во Апелацискиот суд Скопје. Тој денеска и официјално ја презеде новата должност, откако даде свечена изјава во Судскиот совет.


До изборот на негов наследник, претседателското столче ќе го грее судијката Даниела Димовска, што предизвика жестоки реакции во судската фела.

Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, која во Советот доаѓа од редот на судиите, го поддржа изборот на Даниела Димовска посочувајќи, меѓу другото, дека таа ѝ била ментор кога Д. Димовска дошла во судот и тврдеше дека има одлични менаџерски способности за да раководи со голем суд.

Но, ставот на Антонаета Димовска предизвика несогласување кај судијата Ненад Савески, кој решил тоа да ѝ го пренесе и лично, а се согласи неговата порака да добие и јавност.

Тој директно го посочува членот 89 од Законот за судовите и ја прашува Антоанета Димовска зошто постапува спротивно на него.

„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“,вели судијата Савески во пораката.

Извор: 360степени

Можете да прочитате

Мицкоски: Македонија нема алтернатива освен да одиме напред

Бројот на поплаки од семејствата на повредените во Кочани е значително намален, огромен дел од здравствената заштита на повредените е покриена од страна на државата,вели Клековски

Сиљановска Давкова: Идентитетот не може да се препознае низ ајварот, виното и пунџурот, верувам дека изјавата на Кос е несреќна и случајна