
При последните археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“, во селото Младо Нагоричане, археолозите од НУ Музеј – Куманово открија две значајни наоди – најстар автохтон натпис на сад од локално производство на териториите северно од античкото македонско кралство и остатоци од постари ѕидови под резиденцијален објект од IV – III век пр. н. е., соопштија денеска надлежните од националната установа.
– Горди сме што можеме да соопштиме дека годинава имаме две големи откритија. Под постоечките ѕидови на објектот, откривме остатоци од постари ѕидови врз кои се поставени поновите, што значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење. Со други зборови, постои веројатност да има остатоци од постар објект од ваков тип на истото место. Второ, го откривме најстариот сочуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо – Брегалница. Станува збор за графит врежан на дно на сад од локално производство, кој припаѓа на групата натписи од т. н. „апоретски“ тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина. Ова е исклучително важен наод, затоа што зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство, изјави раководителот на истражувањата, археологот Дејан Ѓорѓиевски.
Во рамки на годинешната кампања, археолозите целосно го истражиле секторот „Акропола“, резиденцијалниот објект од 4-3 век пр. н. е. Ископувањата, биле насочени кон – отворениот двор на градбата, како и правецот на протегањето на каналот за вода.
За оваа година е предвидено и дигитализација на дел од наодите од локалитетот, со што ќе го доближи неговото значење до пошироката публика.
– За следната година планираме да продолжиме со откривањето на уште неколку градби што ги забележавме преку LIDAR снимките, како и преку GPR геофизички снимања, додаде Ѓорѓиевски.