
Соопштение на Левица:

Целиот Пелагониски регион пет месеци бил оставен без можност за полагање на возачки испити. Причината за застојот, како што сега од медиумите станува јасно, не е техничка или административна, туку резултат на намерно пролонгирање на изборот на оператор, со цел Министерството за внатрешни работи да му ја додели лиценцата на штотуку формирана фирма поврзана со функционер од редовите на ДПМНЕ.
Новиот оператор – „Супер возач” ДОО Битола, фирма регистрирана во август 2024 година, три месеци пред да се распише првиот оглас, ја доби лиценцата за спроведување на возачки испити. Сопственик на „Супер возач” е компанијата „Стрит Рајд” ДОО Кичево, основана само неколку дена пред тоа. Двете компании се под целосна контрола на Филип Митрески, советник во Советот на Општина Кичево од ДПМНЕ, активен член и апологет на партијата.
Стариот оператор, досегашниот испитен центар СИЦ АМ ДООЕЛ Битола, кои со години ја извршувал оваа дејност, бил одбиен од МВР без образложение. Иако СИЦ АМ се пријавил и на првиот и на повторениот конкурс, иако ги исполнувал сите услови, лиценцата не му беше обновена. Наместо тоа, МВР го поништило првиот конкурс, па распишало втор, за фирмата на ДПМНЕ да ја доуреди документацијата. Јасно е дека процесот бил манипулиран за да му се овозможи време на новоформираниот „Супер возач” да се подготви и да го добие конкурсот.
Само во пелагонискиот регион годишно се реализираат околу 10.000 тестирања, со просечен трошок од 42.000 денари по кандидат, што ја прави оваа дејност исклучително профитабилна.
Овој случај е само уште еден во низата скандалозни договори во Министерството за внатрешни работи под раководство на Панче Тошковски којшто, потсетуваме:
– МВР сега склучува тендери со фирмата „Дон-Холдинг” за која од ДПМНЕ држеа пресови и објаснуваа за криминали и нивна поврзаност со СДСМ;
– 4 милиони денари за униформи се слеаја во женско модно студио со двајца вработени и во фирма формирана 20 дена пред распишување на тендерот;
– Речиси 19 милиони денари за опремување на одморалиштата на МВР отидоа во раце на компанија со блокирана сметка и со понуда неколкукратно поскапа од она што граѓаните можат да го затекнат во малопродажбата.
Наместо да ја унапредува безбедносната состојба и јавниот интерес, МВР под Тошковски очигледно станува платформа за фаворизирање на партиски кадри и за доделување на монополски бизниси на луѓе блиски до владејачката гарнитура.