Утрински Весник
Македонија

Костадинов се подготвува за нов мандат: Програмата ќе ја пишуваме заедно

Kostadinovkosta.jpg

Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов денеска на социјалните мрежи објави неколку предлог мерки, кои според него ќе се најдат во програмата со која тој ќе бара нов мандат.

„Од денес, почнуваме со подготовка на новата програма – најсилната досега. Ова не е хартија со празни ветувања. Ова е оперативен план, заснован врз знаење, искуство и решителност. Ова се само поставување на Контури врз кои вие ќе ја градите програмата како граѓани во целост.


ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ? Нова ТРАНСФОРМАЦИЈА на Струмица. Бесплатно полнење на електрични возила – 5 години.

За сите граѓани што ќе преминат на електрични автомобили, обезбедуваме 5 години бесплатно полнење. Потоа – субвенционирана цена. Преведено: чиста енергија, бесплатен погон, грижа за иднината.

40 хектари ново зеленило. Градот ќе дише. Ќе се садат нови дрвореди, ќе се уредуваат паркови и зелени коридори – во секоја урбана и рурална зона. Дигитални паркови, за едукација за кодирање, HUB за IT компаните за работа на отворено, барање на програмерите.

Развиени и осветлени села. Комплетна улична осветленост и инфраструктурна поврзаност. Гарантирано! Секое село ќе биде достојно место за живеење. Нови пешачки патеки и подобрен сообраќај. Редизајнирана урбана мобилност. Безбеден град и удобен живот за сите.

Општината доаѓа кај вас. Воведуваме општински службеници на терен – во вашето маало, во вашето село. Нема повеќе трчање по шалтери – институцијата ќе работи во ваш кварт.

Ред и дисциплина – наместо хаос и анархија. Правилата ќе важат подеднакво за сите. Без привилегирани, без хаос. Струмица ќе биде пример за уреденост, не за толеранција кон безредија“ пишува Костадинов.

Тој додава дека во моментот е на работна посета во Словенија и Италија, каде заедно со врвни експерти за локална самоуправа, енергетика и урбан развој, како и со политичари со најуспешни практики во модерното локално управување ги анализираат решенијата кои таму веќе функционираат – и подготвува прецизен, остварлив и прагматичен план за Струмица.

„Секое ваше барање ќе биде вградено, секој ваш предизвик – адресиран. Програмата нема да се пишува зад затворени врати. Ќе ја пишуваме заедно. Ќе ве слушаме. Ќе доаѓаме лично. Ќе градиме Струмица што сите ја заслужуваме. Ова е почеток на новата етапа. Град со ред. Град со моќ. Град со иднина. Град кој не прашува дали може – туку покажува дека знае и делува“ вели Костадинов.

Можете да прочитате

Пристигнаа првите евакуирани Македонци од Израел (фото)

Од Кочани до Хераклеја: Раните се уште крварат, но Владата весело слави

Филипче до Мицкоски: Пет години сте на власт – доста беше лаги, народот гледа