Утрински Весник
Македонија

ИНРМ: Ниту една државна институција нема увид во конфигурациските параметри на броилата

Struja Evn Merilo.jpg

ЕВН истовремено ги извршува сите клучни улоги. Тој е оператор на дистрибутивниот систем, поставувач на броилата и нивен верификатор преку сопствено акредитирано тело. Државните институции немаат ниту пристап ниту контрола врз софтверските конфигурации на броилата кои директно влијаат на мерењето и фактурирањето на потрошувачката на електрична енергија, потенцираат во денешната реакција од Здружението на инженери на Република Македонија.

Иако министерката за енергетика Сања Божиновска уште на 23 февруари годинава при посетата на Бирото за метрологија најави итно активирање на државната лабораториска опрема за проверка на електричните броила, во реалноста таа опрема сѐ уште не е ставена во функција. За време на посетата, таа изјави дека „ерата на високи сметки и неточни броила заминува во историја” и дека опремата „веднаш” треба да се активира. Со тоа истовремено призна дека државата располага со современ систем за тестирање кој седум години не се користел поради „нечија неажурност или други причини”.


И покрај јавното ветување на министерката, конкретни чекори не беа преземени сè до моментот на нашата реакција на 4 јуни 2025 година кога поднесовме Барање за информации од јавен карактер до Бирото за метрологија, а за кое одговор добивме на 13 јуни. Во Одговорот се потврдува дека опремата сеуште не е ставена во функција, дека граѓаните немаат можност самостојно да поднесат барање за проверка на сопственото броило и дека Бирото не води евиденција за типовите на вградените броила, ниту пак води евиденција за бројот на евентуални поплаки или утврдени отстапувања.

Интересно е што јавната набавка 10614/2025 „Услуга за инсталација и обука на ZERA МТ310-5 (трифазен систем за тестирање на електрични броила) дизајниран за високопрецизно тестирање на енергетски броила вклучително и паметни броила, во согласност со стандардите за калибрација” е објавена на 12 јуни, што е само неколку дена после нашето испратеното барање. Ова е првиот институционален потег кој е преземен четири месеци после најавата на министерката и нејзиното ветување дадено во февруари.

Одговорот од Бирото откри сериозни системски недостатоци, меѓу кои најзначаен е фактот што граѓаните немаат директен пристап до независна државна проверка на своето броило, туку мораат да поднесат барање до ЕВН, која самата одлучува дали и како ќе спроведе верификација. Исто така, не постои јавен регистар на моделите и техничките параметри на броилата што се користат во домаќинствата, ниту пак се води статистика за поплаките од корисниците. Со тоа, сите клучни механизми на контролата на електронските броила што директно влијаат врз точноста на сметките на граѓаните и стопанството, остануваат исклучиво во рацете на операторот ЕВН, додека државните и независни институции, вклучително и Бирото за метрологија, немаат пристап, увид или контрола врз нивната конфигурација, техничките параметри или дневните модификации. Ова е целосно отсуство на институционален надзор, увид и контрола врз најважната компонента во системот за наплата на електрична енергија – електронските броила.

Во одговорот на нашето прашање: „Кога Бирото последен пат извршило инспекциски надзор над лабораторијата на ЕВН?”, беше наведено дека „Телото за инспекција на броила е акредитирано од Институтот за акредитација” (сертификат ИТ‑068). Оттаму сфативме дека таа акредитација опфаќа исклучиво физичка и техничка верификација на точноста на броилата, во согласност со МКС EN ISO/IEC 17020:2012(тип B) и стандардите за прва, периодична и вонредна верификација. Меѓутоа, бидејќи најчесто користените модели IskraemecoMT174 овозможуваат софтверска конфигурација на множител, тарифен профил, фазност и CT/VT однос (параметри што директно влијаат на начинот на пресметувањето на потрошувачката) во сертификатот не се споменува ниту една одговорност за проверка или увид во овие софтверски поставки. Така ЕВН преку своето акредитирано тело врши верификација без никаква независна контрола на конфигурациските параметри, а државните и други автономни институции немаат пристап до евиденцијата на тие промени, ниту можност активно да контролираат дали уредите се конфигурирани точно и фер.

Поради ова, поднесовме формално барање за информации од јавен карактер до ЕВН Македонија, со цел да ни достават детали за техничките можности на конфигурирање на моделот Iskra MT174-D1A54-M3KO, како и за другите smart броила за кои знаеме дека се користат кај домаќинствата и стопанството и да ни појаснат дали овие уреди поседуваат можност за интервенции на множител, тарифни распореди, фазност и CT/VT односи, и дали тие логови се достапни и за државен надзор и кој е надлежен за проверка на софтверските поставки што директно влијаат на точноста на фактурирањето. Во барањето јасно нагласивме дека не прашуваме дали се изведуваат конкретни промени, туку дали тие технички можности постојат и дали се поддржани од софтверските и хардверските карактеристики на броилата, со цел да ги разбереме ризиците од потенцијални манипулации што директно влијаат врз точноста на фактурирањето.

Можеме да заклучиме дека очигледна е потребата од итни реформи кои ќе обезбедат вистинска независност и транспарентност во системот за мерење на електрична енергија. Потребен е јавен регистар на броила, пристап за потрошувачите до проверка на точноста на своето броило и обврска за државните институции да имаат увид во конфигурациските логови. Денес, системот е целосно во рацете на приватниот оператор ЕВН, без државен надзор, без техничка отчетност и без механизми за заштита на граѓаните.

Одговорите што ги добивме потврдуваат дека, и покрај бројните најави за итност, ништо не се случи сѐ до формалната реакција на граѓаните. Наместо институционална одговорност, реформите се активираат единствено под притисок на освестени граѓани. Опремата остана неактивирана, контролата на броилата – недостапна, а ветувањата – неисполнети. Потрошувачите не можат да побараат независна проверка, а контролата врз мерењето и конфигурацијата на софтверот останува исклучиво во рацете на ЕВН.

Неопходно е да се создаде транспарентен, технички прецизен и независен систем за мерење на електрична енергија, достапен за сите граѓани. Секој потрошувач заслужува точно броило и право на проверка на неговата точност за да не биде нарушена довербата во мерењето на електричната енергија, стои во соопштението на Здружението на инженери на Република Македонија.

Можете да прочитате

Утре сончево и топло време

Муцунски: 8 Македонци најпрво со конвој до Египет па со државен авион ќе бидат вратени од Израел до Македонија

Првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија од денеска е официјално отворена