Утрински Весник
Македонија

СДСМ: Апсењето на Нацев е задоцнето, со жртвено јагне ВМРО-ДПМНЕ сака да ги спаси актуелните функционери 

Sdsm 1.jpeg

Соопштение на СДСМ:

Три месеци владата на ВМРО-ДПМНЕ негираше секаква вмешаност на Нацев, како сопственик на агенцијата која го обезбедувала кабарето „Пулс” во Кочани. Го бранеа, го амнестираа, додека родителите на жртвите во трагедијата бараа одговори и правда.


Дури Мицкоски најави и оставка ако потврди дека некоја агенција за обезбедување била блиска до ВМРО-ДПМНЕ.

И кога видоа дека не можат да ја избегнат вистината и дека мора да се спасат, ВМРО-ДПМНЕ сега го користат Нацев како жртвено јагне, надевајќи се дека јавноста ќе заборави кој навистина е одговорен.

Апсењето на Нацев прво е задоцнето, второ не е никаков доказ за правда, туку добро позната матрица на ВМРО-ДПМНЕ за да се спасат актуелните функционери од одговорност за трагедијата во Кочани.

Граѓаните го препознаваат ова. 

Ексначалникот на СВР Штип, Дејан Салтировски и неговиот тогашен помошник, кои вечерта на трагедијата биле пред дискотеката „Пулс” и не преземале ништо – се регрутирани во изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Кого замајуваат во ВМРО-ДПМНЕ дека имало правда?

Затоа се и изјавите на Мицкоски, полни со гнев и обвинувања кон родителите на жртвите во трагедијата, кои само бараат правда за своите деца и помош за повредените.

Глумењето правда, најавите за т.н. мега проекти, нападите кон СДСМ – нема да го смират гневот на граѓаните, на родителите кои изгубија деца.

Правдата ќе биде задоволена тогаш кога ќе има истраги и за оние кои денес се под закрила на Мицкоски, а не само селективни апсења и жртвени јагниња за лажна ПР-слика дека нешто се работи.

Можете да прочитате

Две години затвор за Љамалари поради напад врз градоначалничката Арсовска

Зоран Тодоров поднесе независна кандидатура за градоначалник на Кочани

Секоја нова власт, нови прислушувања – Дали граѓаните некогаш ќе бидат сигурни?