Утрински Весник
Македонија

Високи гости на „Криволак“: Армијата ја покажува својата подготвеност и сојузништво со НАТО

21.jpg

Во рамки на вежбата „Immediate Response 25“ (IR 25) на армискиот полигон (АП) „Криволак“, денеска беше реализиран Денот за високи гости.

На настанот присуствуваа: претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на штаб на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Левон Камптон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, министри во владата, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Албанија, Косово, Обединетото Кралство и Црна Гора, генерали од Армијата, високи гости од земјите учеснички на вежбата „IR 25“, воено- дипломатскиот кор, претставници од локалната самоуправа и други гости.


Во своето обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна: „Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права“. Претседателката додаде дека денеска уште еднаш ја потврдивме нашата определба: да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски порача дека вежбата претставува „јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата“ и дека на овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана на НАТО. Министерот ја потенцираше и важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“, кој е „уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери“.

„Вежбата IR 25 е повеќе од демонстрација на борбена готовност и способност – таа е доказ на силата и посветеноста на Алијансата. Неуморната работа на учесниците на вежбата нема за цел само да се подобрат капацитетите и способностите на сопствените единици, туку и да се изгради доверба, интероперабилност и меѓусебно почитување“, истакна генералот Сашко Лафчиски. Генералот Лафчиски додаде: „Оваа вежба испраќа силна порака дека заедно сме посилни и поспособни да ги заштитиме демократските вредности, мирот и слободата“.

„Оваа вежба е доказ на силата на колективната одбрана и нашата посветеност за стабилна и безбедна Европа“, потенцираше генерал-мајор Левон Камптон. При ова тој ја истакна импресивната и непоколеблива посветеност на Република Северна Македонија за регионалниот мир и безбедност.

Вежбата „Immediate Response 25“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“ (DEFENDER 25). Покрај седум други европски земји, Република Северна Македонија е една од земјите домаќини, каде што во активностите кај нас се вклучени повеќе од 2200 армиски припадници од седум НАТО земји членки и две земји партнери на Алијансата.

Целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се: синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување на координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните состави преку извежбување со земјите партнери. Дополнително, цел на вежбата е и градење поголема подготвеност и оперативна синхронизираност меѓу армиите на НАТО и партнерските земји низ сложени и симултани операции во повеќе зони.

Можете да прочитате

Пензионери пукале во дрвена мета на кејот на Брегалница, се спремале за натпревар

Средношколец од Прилеп четири години лажно се претставувал како наставник, имал пристап и помагал при водењето на е-дневникот

Филипче: Власта ја изолира државата од Европа