Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска на Балканскиот самит на поранешни студенти: Регионалната соработка како начин за забрзан раст и побрза конвергенција на Западен Балкан

Angelovska bezhoska na balkanski samit alumni.jpg

„За одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан е потребна заедничка соработка, а не изолација”. Ова беше главната порака на гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на Балканскиот самит на поранешни студенти на тема „Градење посилни партнерства за економски раст”, организиран од Македонско-американската алумни асоцијација, на кој присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс.

Гувернерката истакна дека и по три децении на транзиција, доходот во регионот сѐ уште е помалку од половината од просекот во ЕУ, упатувајќи на потребата од зајакнување на потенцијалот за раст, што може да се постигне преку поголема регионална економска интеграција. Потенцијалниот раст во регионот е преполовен од 5% пред светската финансиска криза на 2,5% по неа, додека кај нашата економија забавувањето е уште посилно. „Слабите остварувања во регионот не се резултат само на надворешните шокови, туку и на подлабоки структурни предизвици како што се застојот во продуктивноста, одливот на работна сила и релативно ниските инвестиции”, нагласи гувернерката. Таа рече дека продуктивноста е приближно половина од нивото во ЕУ, дека секој петти граѓанин е иселен од регионот (според ОЕЦД) и дека инвестициите се на ниско ниво, како во износот, така и во квалитетот. Во однос на трговијата во рамките на регионот, таа сè уште е ниска, при што во 2024 година таа учествува со само 11% во вкупната трговска размена на земјите од Западен Балкан.


Во тој контекст, гувернерката нагласи дека регионалната соработка може да биде ефикасен инструмент за надминување на овие слабости, и тоа преку порастот на трговијата, поттикнувањето на странските директни инвестиции, преносот на знаења и технологии и растот на продуктивноста. Како пример го посочи позитивниот ефект од договорот за слободна трговија ЦЕФТА, чиешто спроведување се одрази со пораст на трговијата меѓу членките од околу 74%. Гувернерката го истакна и значењето на иницијативите како Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан и членството на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра − СЕПА, како конкретни чекори кон поголема економска поврзаност. На крајот, таа посочи дека за успешно остварување на овие иницијативи од особена важност е подобрувањето на квалитетот на институциите, со оглед на нивната значајна улога во спроведувањето на реформите, како и користењето на достапната финансиска помош од ЕУ преку Планот за раст.

Можете да прочитате

Сојузот на здруженија на лозари бара плаќање на грозјето според шеќерни единици, инспекции кај откупувачи, субвенции за модернизирање

СДСМ: Мицкоски конечно призна дека државата доцни со поврат на ДДВ

Бензините и дизелот поскапуваат за 1,5 денари