Утрински Весник
Свет

Германските фирми се гасат – недостиг од работници, скапа енергија, неизвесна иднина

Germanija Rabotnici 5 1068x580 1.jpg

Минатата година во Германија биле затворени 196.100 компании, што претставува раст од 16% во однос на 2023 година. Ова е највисоко ниво на затворања од 2011 година и глобалната финансиска криза, покажува извештајот на агенцијата „Кредитреформ“ и економскиот институт ZEW, пренесе ДПА.

– Бројот на компании што трајно ги затвораат своите врати во сите сектори на економијата е алармантен, изјави Патрик-Лудвиг Ханц од „Кредитреформ“.


Индустрискиот сектор е особено погоден, со значително зголемување на затворањата поради високите трошоци за енергија и силната странска конкуренција. Во енергетски интензивното производство, бројот на затворени фирми пораснал за 26%, достигнувајќи 1.050 компании.

Сличен тренд се забележува и во ИТ секторот, развојот, еколошките технологии и дијагностиката – сектори кои според Сандра Готшалк од ZEW требало да доживеат раст поради нивната ориентација кон иднината.

– Овие компании страдаат од хроничен недостиг на квалификувана работна сила. Поради тоа не можат да ги исполнат нарачките и стануваат економски неодржливи, истакнува Готшалк за списанието „Феникс“.

Најголем дел од затворените компании биле мали бизниси, но последните години сè почесто затвораат и поголеми фирми. Дел од нив не банкротирале, туку престанале со работа поради тоа што сопствениците не нашле наследник за управување пред пензионирање.

Во извештајот се наведува и дека некои профитабилни компании биле затворени поради проценки дека немаат долгорочна економска одржливост.

Можете да прочитате

Европол разби голема хакерска мрежа

Иницијатива на Грција во ОН за заштита на цивилите во воените конфликти – потпишана од 80 делегации меѓу кои и земјава

Гебрејесус го повика Израел да покаже „милост“ во војната во Газа