Утрински Весник
Македонија

Се препорачува многу внимателно возење во Дебарско поради одрони на патиштата

Odroni.jpg

Поради чести одрони и влажни коловози на патните правци во поширокиот дебарски регион се препорачува многу внимателно возење.

-Поради обилните дождови присутни во дебарскиот и долнореканскиот крај на патиштата има чести помали, но има и поголеми одрони од камен и земја. Вчера доцна попладне имаше одрон од околу 15 кубни метри од камен на патниот правец Дебар-Маврово, на делница Жировница-Трница, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.


Додаде дека морале да интервенираат со багер, па сообраќајот бил времено во прекин во двата правци.

Екипи на секцијата се постојано на терен со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

-Препорачуваме многу внимателно возење, приспособување на брзината на движење според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, рече Лиманоски.

Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 120 километри, од Дебар кон Маврово и Струга, патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Можете да прочитате

Тошковски: Бројките за семејното насилство се загрижувачки

Филипче: СДСМ останува силен промотор на европската идеја – време е за обединување, не за калкулации

Кос: Клучните реформи што ги бараме не се едноставни, но се вредни