Утрински Весник
Македонија

Преседан во судството: Пресудата од 9 години затвор за прегазената Анета соопштена во лифт на семејството Цветкоски

Osnoven sud bitols pravdiko crop zgolemena.jpg

Преседан во судството се случи денес откако судијката Цветанка Никодиноска наместо да се појави на закажаното рочиште во Основниот суд Битола и да ја објави пресудата за прегазената велосипедистка Анета Цветкоска, казната од 9 години затвор на семејството на починатата му ја соопштила во лифтот од зградата на судот.

Сопругот Александар Цветкоски во изјава за 24Инфо вели останал запрепастен кога судијката Никодиноска го сретнала во лифтот од судот и го запрашала зошто е дојден кога пресудата веќе била донесена и немал потреба да доаѓа, иако во судот имало закажано рочиште за читање на истата.


На сопругот соопштено му е само усно, дека пресудата за двете дела по кои се товари Димитар, е 9 години затвор, но ниту семејството, ниту нивниот правен застапник нема добиено на писмено пресуда, ниту пак знае за кое дело колку години затвор има пресудено судот.

Адвокатот Игор Мицев кој ја застапува општетената за нашиот медиум вели, прв пат во неговата кариера гледа ваков начин на соопштување на пресуда. Тој истакна дека ова не само што не е правно издржано, туку е и големо непочитување кон семејството на жртвата. Судницата е местото каде се изрекуваат пресуди, а на истото рочиште треба да има присутни и пет судии.

Мицев ни потврди дека ниту до него не е стигнато никакво соопштение или пресуда од судот на писмено, но вели дека за него казната од 9 години е очекувана, иако во други случаи, како случајот со прегазената Фросина се изречени повисоки казни, и покрај признавањето на вина како олеснителна околност од страна на обвинетиот, кое во овој случај го нема.

Во случајот беа сменети дури четири судии, а семејството за пресуда чекаше дури речиси две години.

Анета на 09.06.2023 година на својот велосипед, надвор од коловозот, беше удрена од автомобил управуван од Димитар Петрески, лице вработено во МВР, кој потоа избега и не и пружи помош. Димитар повеќе од 24 часа беше недостапен за институциите, затоа што најпрво во полиција како сторител на делото се пријавил неговиот татко. Димитар пред настанот четири часа бил во кафана, поради бегството никогаш не му бил направен алко-тест, а пред судот изјави дека пиел вода. Никогаш не изразил жалење кон семејството и не се изјасни за виновен.

Тој и покрај општетениот вид кој го има од раѓање, а кој се потврди при вештачење од судот, се уште работи во МВР иако правилата не го дозволуваат тоа.

Анета зад себе остави две малолетни деца.

Наталија Јосифоска

Можете да прочитате

Јанев: Со мојот тим создаваме услови секој полицаец да се чувствува почитуван и мотивиран

Во болницата во Кочани стои нова хипербарна комора без специјалист да ја стави во функција велат од “Support Коcani“

ЛАДЕН БРАН СРЕДЕ МАЈ: Доаѓаат обилни дождови, ветер и снег!