
На денешното изрекување на пресудата за смртта на Фросина Кулакова, таткото Тодор кажа дека добил впечаток во судницата како родителите на Васил биле „тотално релаксирани“.
-Дали они ја знаеја казната за разлика од претходното рочиште кога беа вкочанети? Затоа во држава во која дилерите на дрога и немилосрдните убијци се прогласуваат за светци, спортисти и посветени студенти, според зборовите на одбраната, а беше прифатено од судијата, таква е и срамна пресудата. Убиецот Васо и останатите тројца во автомобилот се светци, а загубата на животот на Фросинче е едноставно е небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност според законите на оваа држава, рече Кулаков во изјава пред Основниот кривичен суд-Скопје.
Во изјава што ја читаше од мобилниот телефон, таткото на Фросина порача дека „никој не обрнал внимание на повеќето сведоци кои биле прикриени и должни да одговараат пред законот за уништување на клучни докази, како совозачот Лорен кој додека се возеле, снимал со неговиот телефон и потоа таа снимка ја избришал“.
-Лорен е син на познат скопски кафанџија и затоа ја има целата заштита од системот. Судот е чиста мафија и вакви убијци ги штити и такви пресуди носи. Наместо Лорен како клучен сведок да добие кривична пријава за уништување на докази за убиство…Многу поголема ќе беше казната за Васо, но и за другите тројца во возилото. Овој систем ги сокри и треба да одговара за соучество во убиство, додаде Тодор.