Утрински Весник
Македонија

Јабланица ќе стане заштитено подрачје

Jablanicza.jpg

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека започнува со изработка на Студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица, како прв и суштински чекор во процесот за нејзино прогласување за заштитено подрачје, согласно Законот за заштита на природата.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од страна на општините Струга и Вевчани, месните заедници и невладиниот сектор, а Владата на Република Северна Македонија на својата 116-та седница, одржана на 22 јануари 2019 година, го задолжи МЖСПП да обезбеди средства за изработка на Студијата во соработка со двете општини. Во рамките на Програмата за природа за 2025 година, обезбеден е буџет и е склучен договор за јавна набавка за изработката на Студијата.


Овој процес ќе опфати подготовка на конечна верзија на Студијата согласно законската регулатива, создавање база на податоци за биолошката разновидност, геодиверзитет, живеалишта, хидрологија и други природни елементи, теренски истражувања и ГИС обработка на податоците од национално и ЕУ значење, како и организација на две јавни консултативни средби за вклучување на засегнатите страни во финализирањето на документот.

Планината Јабланица е природно богатство со исклучителна биолошка и геолошка вредност. Таа веќе е дел од Националната Емералд мрежа на подрачја од особено значење за зачувување на природата и е идентификувана како потенцијално подрачје во идната Натура 2000 мрежа.

Изработката на оваа Студија претставува клучна стручна основа за натамошната постапка за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, со што ќе се овозможи долгорочна заштита и одржливо управување со еден од највредните природни региони во земјата.

Во 2023 од страна на МЖСПП беше финансирана и изработена социо-економска студија за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје, односно национален парк, како што е делот на Јабланица во Република Албанија, прогласен во 2008-ма година.

Можете да прочитате

Петрушевски: Законот на СДСМ за Кочани е неприменлив и политички мотивиран, не е во интерес на граѓаните

Таравари: Доколку има сомнежи во тие што се во Владата, нема што да бараме таму

Бочварски: Со закон ќе помогнеме на семејствата од Кочани, но ВМРО е против