Утрински Весник
Македонија

Муцунски на средба со шефовите на дипломатиите на членките и кандидатите за членство во ЕУ во Варшава

Mucunski.webp.webp

Во Варшава денеска ќе се одржи неформален состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ и на државите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата, на кој ќе присуствува и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

На средбата, што ќе се одржи во форма на работен ручек во рамки на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), министрите ќе разговараат за предизвиците на европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност на хибридните закани.


Покрај Муцунски и шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, на средбата се очекува да присуствуваат и нивните колеги од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.

Во рамки на престојот во Полска, Муцунски ќе ја посети и меморијалната поставка во некогашниот нацистички логор Треблинка и ќе положи цвеќе на спомен-обележјето на депортираните македонски Евреи.

Инаку, пред средбата со колегите од земјите кандидати за членство, европските министри за надворешни работи во работниот дел на неформалното заседание на ФАЦ ќе дискутираат за руската агресија врз Украина, односите на ЕУ со САД и за најновиот развој на настаните во индиско-пакистанскиот конфликт.

Вчера на првиот ден од состанокот на ФАЦ, европските шефови на дипломатии имаа дискусија за клучните прашања во односите на ЕУ со Велика Британија, на која присуствуваше и британскиот државен секретар за надворешни работи Дејвид Лами.

Домаќини на собирот во Варшава се шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Неформалните состаноци на Советот за надворешни работи, уште познати како „Гимних“ формат, се собири на кои министрите не носат никакви формални одлуки, туку само дискутираат и разменуваат мислења за иницијативи и одредени теми од нивна надлежност. Состаноци во овој формат се одржуваат редовно од 1974 година со цел да се овозможи неформална и отворена дискусија меѓу министрите за стратешки прашања.

Можете да прочитате

Средба на вицепремиерот и министер Стоилковиќ со директорот на УНДП во Скопје Армен Григориан

Со вработување на млади специјализанти се решава недостигот од човечки ресурси во болниците

Во Собрание влегува предлог-законот за помош на семејствата на повредените и загинатите во Кочани и во претходните трагедии, вели Филипче