
Во 2005 година, кога јас бев премиер, Македонија беше лидер во евроинтеграциите на Западен Балкан, но промената на власта во 2006 скапо не чинеше, порача поранешниот македонски премиер Владо Бучковски во емисијата „Граѓански агол“ што се емитува во Црна Гора.
Бучковски рече дека Македонија изгубила десет години во расправии и провокации кон Грција во периодот од 2006 до 2016 и за сметка на тоа, наместо уште во 2008, Македонија стана земја членка на НАТО дури во 2020 година.
Што се однесува до интеграциите во ЕУ, тој се наврати на случајот од 2019 година кога францускиот лидер Емануел Макрон одлучи да застане на патот на Македонија и измисли нова методологија.
„Некоректна беше одлуката на Емануел Макрон да не ја награди Македонија за големата жртва што ја направи и во 2019 наместо да добиеме датум за почеток на преговорите, тој започна со некои реформи со цел ЕУ да се посвети на себе а не на проширувањето. Тоа калкулирање на ЕУ го искористи Бугарија, тие тргнаа со свои барања и тоа доведе до нови блокади“ порача Бучковски.
Осврнувајќи се на актуелната власт, Бучковски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција го злоупотребувала Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, но како власт во првата година од мандатот не покажала дека воопшто е заинтересирана за ЕУ.
„Тие тврдеа дека кога ќе дојдат на власт ќе го вратат старото уставно име Република Македонија, потоа дека за шест месеци ќе успеат да направат компромис со Бугарија и дека ќе ги отворат преговорите со ЕУ. Помина една година од новата власт во Македонија и не гледа дека на новата влада приоритет ѝ е влезот во ЕУ“ порача Бучковски.