
Родителите на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска одржаа протестен марш во Скопје, движејќи се од зградата на Јавното обвинителство до Собранието на Република Северна Македонија. Со фотографии од своите деца во рацете, тие повторно побараа правда и одговорност за трагедијата што ја потресе целата земја.
На покана од Јавното обвинителство, дел од родителите присуствуваа на средба со државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој ги информираше за досегашниот тек на истрагата и прибавените докази. Обвинителството, како што информираа, има рок уште два месеци да ја заврши постапката.
Пред зградата на Собранието, родителите побараа и средба со пратениците, нагласувајќи дека се подготвени барем да им ги пренесат своите барања преку нивните портпароли и ПР служби.
„Господава кои седат внатре имаат свои ПР служби и портпароли кои треба да говорат во нивно име. Па бараме барем толку да не удостојат, ако тие ешалони не можат со оваа проста раја да се сретнат, нека ни ги пуштат тие, нив ќе им кажеме нашите барања, не бараме ништо повеќе. Само да им поставиме неколку прашања… и да си дадат оставка. Бараме одговори на прашањата на кои веќе 40 дена немаме,“ рече една мајка, чие дете загина во трагедијата.
Родителите најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се добијат конкретни одговори и не се утврди целосна одговорност за институционалните пропусти кои, според нив, довеле до загубата на нивните најблиски.