
„Задача и должност ни е да ја вратиме довербата во институциите и честа на системот!“ – со овие зборови директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, го започна својот фејсбук статус по повод успешно реализираната акција против организирана мрежа што со години злоупотребувала државни ресурси.
Според Јанев, станува збор за лица од здравствениот сектор и други приватни дејности, кои низ долг период преку фалсификување дијагнози, документи и вештачења, овозможувале нелегално доделување на средства за туѓа нега и инвалидски пензии на лица кои не ги исполнувале условите.
„Овие поединци без морал и достоинство, без никаква емпатија кон оние што навистина се во потреба, го краделе трудот на чесните граѓани. Буџетските средства завршувале во рацете на оние кои не ги заслужуваат, додека мрежата се збогатувала,“ пишува Јанев.
Тој нагласува дека како прв човек на БЈБ, заедно со својот тим и сите чесни полициски службеници, продолжуваат со решителна борба против криминалот кој ја поткопува државата одвнатре.
„Криминалот не е исплатлив. Секој што ќе се огреши – ќе одговара пред правдата. Ќе продолжиме да ја чистиме државата од вакви штетни појави и ќе обезбедиме правична иднина за сите,“ истакнува Јанев.
Оваа акција е дел од поширока стратегија за пресметка со системска корупција и враќање на довербата на граѓаните во институциите.