
Опозициската СДСМ денес на прес-конференција ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека и девет месеци откако се на власт, животниот стандард на граѓаните опаѓа, а Македонија економски не оди напред како што се ветуваше во кампањата.
„Економијата е заглавена, стандардот е урнисан, граѓаните едвај врзуваат крај со крај“, рече на прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочувајчи дека Владата наместо конкретни решенија, нуди измами и шминка.
„Потрошувачката кошничка само во март пораснала за нови 836 денари. Тоа е рекорден скок кој директно ги погодува семејните буџети. Денес, за да се покрие синдикалната минимална кошничка, потребни се речиси три минимални плати. Тоа значи дека едно семејство кое живее од минимална плата не може да си ги дозволи ниту најосновните трошоци – храна, лекови, сметки. Ниту задоцнетите замрзнати маржи од 10% не дадоа значителен ефект во контролата на растот на цените“, рече Кузеска.
Таа додаде дека може да се заклучи дека Владата во својата прва година од владеење јасно им покажа на граѓаните дека ниту планира да ги штити од идните економски ризици, ниту има јасен план што ќе прави за да го подобрува стандардот.
„Ова е економски најнеспособната Влада која сме ја имале“, рече Кузеска.
Таа рече дека платите нема да растат како што растеа до минатата година, минималната плата нема да расте, а за цените Владата нема соодветна стратегија. Резултатот е оној кој го гледаме, систематско осиромашување на граѓаните.
Кузеска се осврна и на новиот начин на пресметка на кошничката – наместо за четиричлено, ќе се пресметува за тричлено семејство, а одморот во странство и овошјето ќе се третира како луксуз и ќе се исклучат од калкулацијата.
„Тоа е класичен обид да се манипулира со реалноста. Наместо да ги намалат трошоците на живот, тие ја менуваат методологијата за да ја сокријат вистината. Се што се прави од страна на Мицкоски и ДПМНЕ е во насока за замајување на јавноста, ставање на розови наочари за сите поубаво да гледаат, наместо поубаво да живеат. Оваа Влада е толку многу фокусирана на лажен ПР, што нема време да се занимава со реални политики и да се справи со реалноста. Ветуваа економски бум, зборуваа дека Македонија ќе биде економски тигар, но само за една година покажаа дека немаат капацитет нитува да ја направат економско маче. Нема инвестиции, нема раст, нема визија“, рече Кузеска.
Таа посочи дека според проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд, Македонија се наоѓа меѓу земјите со најнизок економски раст во целиот регион. Само за Босна и Херцеговина има пониска проекција.
„За оваа година, ММФ прогнозира раст на БДП од 3,2 проценти и инфлацијата од 3,4 проценти. Ова значи дека реалниот економски раст ќе биде речиси нула и е јасен индикатор дека се полошо ќе се живее. Со платите граѓаните купуваат се помалку, животот е поскап, продуктивноста не се движи – а Владата тоа го продава како успех“, рече Кузеска.
Таа додаде дека податоците за реализацијата на капиталните инвестиции се уште еден показател за неспособноста на оваа власт. До 8 април, реализирани се едвај 10% проценти од планираните капитални проекти. Тоа е дури за 50% помалку од истиот период лани, кога реализацијата изнесуваше 15,6 проценти. Тоа значи дека оваа Влада не носи нови инвестиции и не е способна да го реализира тоа што самата го испланирала.
„Дека работите економски не одат, се потврдува и преку низа други постапки на Владата. Зошто со месеци не се прави поврат на ДДВ? Фирмите се жалат дека повратот е целосно закочен. Зошто се доцни со платите за вработените во администрацијата? Зошто нема реализација на унгарскиот кредит за кој граѓаните плаќаат дебела камата?“, рече Кузеска, додавајќи дека СДСМ нема да молчи пред оваа економска неправда и побара веднаш да се преземат мерки за справување со ценовната криза, односно да се обезбеди раст на минималната и просечната плата, во чекор со растот на трошоците за живот, да се вложува во продуктивноста, во капитални проекти, во реална економија – а не во лажни пресови и лажни слики.