Утрински Весник
Македонија

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Велигден – 24info.mk

Davkova 2.webp.webp

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава: Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква. 

Почитуван г. г. Стефан,


Имам особено задоволство и голема чест Вам, лично и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на православните верници, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да Ви посакам да го поминете во добро здравје, во љубов, радост и среќа.

Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде.

За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата.

Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка.

Христос воскресна!

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство, Вам и на верниците на Католичката црква во Македонија, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да Ви посакам мир, хармонија, среќа и бериќет.

Најискрено се надевам дека велигденските празници ќе им донесат радост во душата и љубов во срцето на сите верници, исполнувајќи ги со ведрина и оптимизам.

Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет.

Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани.

Христос воскресна!

Почитуван г. Емил Заев,

Дозволете ми Вам, лично, како и на припадниците на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден, од срце посакувајќи Ви празничните денови да ги поминете во радост, среќа, љубов и хармонија.

Велигден е извонредна можност да им се посветиме на нашите најмили и најблиски со љубов, ведрина и оптимизам. Да чиниме добрини и да бидеме хумани и благородни. 

Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво.

Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции.

Нека ни е честит Велигден!

Можете да прочитате

Дсвкова, Мицковски и Тошковски Велигденските празници ги минуваат во државните вили во Охрид

ВРЕДИ со честитка за Велигден

Меџити: Трансформацијата на коалицијата „Влен“ во партија почнува од наредната недела