
Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) вчера изврши неколкучасовен надзор на Клиниката за кардиохирургија, каде минатата недела почина 57-годишниот Тони Ангелковски, пациент кој итно требал реконструкција на аортата. Инспекцијата ги потврди тврдењата на семејството – ангиографската сала не работела еден месец, а на клиниката немало ниту стент-графтови потребни за интервенцијата пишува слободен печат.
Од ДСЗИ велат дека салата ќе остане затворена најмалку до 15 мај, што значи дека до тогаш не може да се изведуваат интервенции како TEVAR – тораколна ендоваскуларна реконструкција на аорта. Инспекторатот бара министерот за здравство Арбен Таравари да формира стручна комисија која ќе го процени стручното постапување на лекарите.
Во здравствената евиденција е документирано дека на Кардиохирургија му бил стабилизиран крвниот притисок (270 со 150), а болките во градите и грбот биле намалени со терапија. Сепак, бидејќи веќе во ГОБ „8 Септември“ бил дијагностициран со дисекција на торакоабдоминалната аорта (Стенфорд тип Б), од Кардиохирургија бил повикан васкуларен хирург. Интервенцијата не можела да се изведе поради немање опрема и неработење на ангиографската сала.
Шокантен е и податокот дека во ГОБ „8 Септември“ не знаеле дека ангиографската сала на Кардиохирургија е во реновирање, што укажува на сериозна некоординираност во здравствениот систем.
Истите услови важеле и за Торакалната клиника – ниту тие имале соодветна сала, ниту материјали за изведување на процедурата.
Во отпусното писмо стои дека пациентот не можел да биде подложен на класична отворена хируршка интервенција поради оштетување на срцевиот залисток и висок ризик од смртност.
На семејството му било предложено да побара второ мислење во приватна установа, но поради високи цени за интервенцијата, било иницирано лекување во странство преку Фондот за здравствено осигурување – постапка што не се реализирала навреме, бидејќи пациентот починал.
Во извештајот стои дека синот и зетот на пациентот покажале агресија кон персоналот, поради што била повикана полиција.
Министерот Арбен Таравари прво изјави дека „салата работела“, а денеска призна дека допрва ќе го чита извештајот од ДСЗИ, во кој јасно пишува дека сала нема, и нема да има најмалку до 15 мај.
– Ќе има одговорност ако имало пропусти – рече Таравари, но не одговори зошто една од најважните установи во државата нема ни сала, ни опрема за итни интервенции на аорта, и што би се случило ако денеска дојде нов пациент со истата дијагноза.