
Како што дознава 24 Инфо од извори внатре во клиниката, инцидентот не е само кражба – туку е симптоматичен обид за упад во шкафови и документи поврзани со истрагата што ја води обвинителството за случајот Онкологија за лековите
Според информациите, првиот случај бил регистриран на 2 април. Тогаш, непознат сторител насилно влегол во просторија наменета за персонал и отворил шкафови. Иако не било украдено ништо, било извршено претурање, што сугерира дека можеби целта не биле материјални добра, туку нешто друго – документи?
Вториот, многу посериозен инцидент, се случил само неколку дена подоцна – на 8 април точно на полноќ. Тогаш биле насилно отворени 18 заклучени шкафови, од кои биле украдени пари и други вредни предмети. Веднаш по инцидентот, полицијата реагирала и привела 17-годишно момче од Скопје.
„На 08.04.2025 во 00.00 часот од Клиниката за онкологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар лишиле од слобода 17-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение дека насилно отворил 18 шкафови на персоналот кои претходно биле заклучени, при што одзел пари и други предмети,“ соопштија од МВР.
Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на родител и бранител, а биле пронајдени и одземени предметите за кои постои сомнение дека се украдени. По целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Но, според соговорници на 24 Инфо, дел од шкафовите биле директно поврзани со случајот „Онкологија“, во кои имало документација што е предмет на обвинителска постапка. Токму тоа го прави инцидентот многу повеќе од „обична кражба“ и отвора сериозни прашања – кој и зошто барал пристап до тие документи?
Во време кога граѓаните бараат правда, кога институциите ветија транспарентност и одговорност, овие случувања внесуваат немир и сомнеж во целиот процес.