
Пренатрупаност, лоша инфраструктура, нецелосен видео надзор, недостиг од медицински персонал и несоодветна техничка опременост – ова се само дел од проблемите што сериозно го нарушуваат квалитетот на живот и човековите права на лицата лишени од слобода во Македонија. Тоа се главните наоди од ревизијата за успешност на тема „Реформа на пенитенцијарниот систем“ спроведена од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во извештајот, ревизорите укажуваат дека институциите не преземаат доволно ефикасни мерки за унапредување и хуманизирање на затворскиот систем. Покрај тоа што условите во дел од установите не ги задоволуваат меѓународните стандарди за хуман третман, ревизијата открива и системски пропусти кои го отежнуваат процесот на ресоцијализација на осудените лица.
Еден од најзагрижувачките проблеми е недоволниот развој и примена на пробациските мерки – алтернативни санкции кои би требало да го намалат притисокот врз затворскиот систем. Притоа, ДЗР констатира дека надлежните органи ретко ги изрекуваат ваквите мерки, а и таму каде што се применуваат, постои ограничена поддршка за реинтеграција на сторителите во заедницата.
Во однос на инфраструктурата, се посочува дека веќе 14 години се пролонгира изградбата на нови објекти во КПД Идризово, како дел од проектот „Реконструкција на КПУ“, кој започна во 2010 година. Причините се недостаток на буџетски средства и нецелосно спроведување на препораките на Банката за развој на Советот на Европа (БРСЕ). Како последица, затворите остануваат пренатрупани, а условите недостојни.
Безбедноста во установите исто така е сериозно загрозена. Недостасува унифициран концепт за визуелно-електронски надзор, не се изработуваат проекти за позиционирање на камери, а затворската полиција е со недоволен кадар, што резултира со зголемени трошоци за прекувремена работа и бројни тужби.
Ревизијата открива и недоволна здравствена заштита – како поради недостиг на медицински персонал, така и поради неажурирани податоци за здравствено осигурување, што го оневозможува остварувањето на основни здравствени права на затворениците.
Проблем има и со исхраната. Недостасува унифицирана техничка спецификација за набавка на храна, што резултира со нееднаква квалитетна исхрана во различни установи и значителни разлики во цените на прехранбените производи.
Постпеналната поддршка – клучна за ресоцијализација – е слабо развиена. Осудените ретко добиваат конкретна поддршка по излегување од затвор, што е една од причините за висок рецидивизам. Институциите немаат доволно воспитувачи и инструктори, а образовниот процес во установите целосно изостанува, вклучително и во воспитно-поправниот дом.
Во периодот 2021–2024 година, Управата за извршување на санкции не спровела редовен надзор во сите установи, ниту контролен надзор за да се утврди дали дадените препораки навремено се спроведени.
Целта на ревизијата, спроведена согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2024 година, беше да се даде одговор на прашањето „Дали преземените активности од надлежните институции придонесуваат за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем“ и да се понудат конкретни препораки за подобрување на состојбите.
Повеќе детали се достапни во целиот ревизорски извештај на следниот линк: dzr.mk – Ревизија: Реформа на пенитенцијарниот систем.