
Глобалната трговија продолжува да се соочува со сериозни нарушувања и покрај паузата во „реципрочните“ царини, изјави Дебора Елмс, директорка за трговска политика во Фондацијата Хинрих во Сингапур.
– Паузата на царините не се однесува на сите царини. Целиот свет сега има царини од 10 отсто, што не беше случај пред недела – плус 25 отсто за челик, алуминиум и производи од тие метали. Плус 25 отсто за автомобили, изјави Елмс за Ал Џезира.
Таа, исто така, истакна дека Трамп само ги паузирал „реципрочните“ тарифи, со исклучок на Кина, наместо целосно да ги откаже.
– Трамп и претходно паузираше работи, само за да стапат во сила како што беше првично планирано. Така државите треба да бидат подготвени за царини во рок од 90 дена. Не е обврзан да чека цели 90 дена, но би можел. Би можеле да се вратат на првобитната формула. Или не. А со 145 отсто, нема трговија меѓу САД и Кина. Тоа ќе создаде сериозни главоболки за многумина, вклучувајќи ги и компаниите со седиште на двете локации, изјави директорка за трговска политика во Фондацијата Хинрих во Сингапур.