
На денешната 66. седница, Владата го прифати предложениот концепт за организација на ресурсен центар за поддршка на општините, кој има за цел да ги зајакне капацитетите на локалната самоуправа и да поттикне поефикасен локален развој, во подобрена координација со централната власт.
Концептот предвидува три главни компоненти:
- Фонд за техничка документација (ФТД) – веќе пилотиран инструмент за грантови, кој ќе им овозможи на општините и регионалните развојни центри финансирање за изработка на техничка документација за инфраструктурни проекти. Овој фонд се реализира во партнерство со Министерството за локална самоуправа, УНДП и шведската агенција СИДА.
- Развој на капацитетите на општинската администрација – преку обуки, стручна помош, размена на искуства и поттикнување на меѓуопштинска соработка.
- Платформа за прегледност на можности за финансирање на проектна основа – со интеграција на сите буџетски и донаторски извори достапни за општините.
На истата седница, Владата ја усвои и информацијата за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз. Министерството за транспорт е задолжено да ја започне постапката, а распределбата на возилата ќе се врши според ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на општините.
Дополнително, Владата ја разгледа потребата од реорганизација на Фондот за иновации и технолошки развој и можноста за негово спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништвото. Министерството за образование и наука е задолжено во рок од 10 дена да формира работна група која ќе подготви нов Закон или измени на постојниот Закон за иновациска дејност, со цел регулирање на оваа реорганизација.