Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова со честитка по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите

Davkova.webp.webp

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

Почитувани граѓани ‒ Роми,


Ви упатувам искрени честитки за 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите!

Верувам дека не случајно тркалото, симболот на вашето етничко знаме, по долги патешествија запрело и на македонска почва на која сте свиле дом.  

Со културната посебност и свест, вие израснавте во важен и вреден сегмент на македонското општество, неверојатно талентиран за музика и игра, уметнички вдахнат, скромен!

Влеговте во Уставот, се изборивте за ромска општина и ромски јазик како службен во неа, основавте и развивте успешно средно училиште, формиравте партии и граѓански здруженија и станавте политички фактор, влеговте во Собранието, освоивте градоначалнички и министерски позиции, но и раководни места во важни државни органи и институции, станавте музички славни преку врвни културно-уметнички друштва, пејачи и диригенти, се стекнавте со универзитетски дипломи од различни области, ве опишаа во филмови и серии, ве опеаја, насликаа…

Докажавте дека сте креативна, способна, вредна и адаптибилна заедница што заслужува почит.

Но, празников ме потсетува дека сте сè уште најсиромашната, најранливата, најмаргинализираната, најобесправената и најдискриминираната заедница.

Време е да преминеме од зборови на дела, реално да ве поддржиме, да ви дадеме приоритет, да посегнеме по афирмативна акција и инклузивни политики, да ви овозможиме да ги изразите и докажете способностите и идеите, да ги вградите трудот и знаењето во развојот на демократското општество.

Ромите се богат човечки потенцијал што мора да се впрегне во општествениот погон.  

Да го завртиме ромското тркало дома, ама не само на 8 Април, туку постојано, посилно, побрзо и подалеку, во интерес на прогресот.

Нека ни е честит 8 Април  ̶  Меѓународниот ден на Ромите!

Можете да прочитате

Коцевски: Од Бугарија стигна одговорот за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ

АА со свои кандидати на локалните избори – Таравари го отфрли ултиматумот од Вреди

За Велигден уживајте во сончевото време, со рано летни температури на воздухот!