Утрински Весник
Свет

СЗО: Една жена умира на секои две минути за време на бременост или породување

Szo.webp.webp

Компликациите од бременост или породување предизвикуваа смрт на жена приближно на секои две минути во 2023 година, се наведува во извештај на Светската здравствена организација (СЗО) и другите тела на ОН.

Во извештајот, објавен денеска, се вели дека тоа изнесува околу 260.000 жени на глобално ниво.


Смртта на мајките помеѓу 2000 и 2023 година се намалила за 40 проценти на глобално ниво, главно поради подобриот пристап до основните здравствени услуги, додаде СЗО.

Сепак, организацијата предупреди дека темпото на подобрување е значително забавено од 2016 година.

Намалувањето на хуманитарните средства има сериозно влијание врз здравствената заштита во многу делови од светот, принудувајќи ги земјите да ги повлечат виталните услуги за здравјето на мајките, новороденчињата и децата, се вели во извештајот.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека покрај обезбедувањето пристап до квалитетна породилна нега, важно е и зајакнувањето на здравјето и репродуктивните права на жените и девојчињата.

– Иако овој извештај покажува трошки на надеж, податоците исто така нагласуваат колку бременоста денес сè уште е опасна во поголемиот дел од светот и покрај фактот што постојат решенија за спречување и лекување на компликациите кои предизвикуваат огромно мнозинство на смртни случаи кај мајки, додаде тој.

Една од целите на ОН за одржлив развој е да се намали смртноста на мајките од 328 смртни случаи на 100.000 живородени во 2000 година на помалку од 70 до 2030 година, пренесува ДПА.

Постигнувањето на ова претставува „предизвик без преседан“, се вели во извештајот.

– Потребна е брза акција за да се заштити здравјето на мајките и да се стави крај на трагедијата на смртноста на мајките. Жените имаат право не само да ја преживеат бременоста, туку и да напредуваат во добро здравје, стои во извештајот.

Можете да прочитате

Германскиот берзански индекс DAX падна за 10 проценти

Без збор, но со порака: Маск против тарифите на Трамп?

Израел во следните недели ќе дозволи влез на хуманитарна помош во Појасот Газа