
Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски
Урсула фон дер Лајен пред неколку дена презентираше „план за повторно вооружување на Европа“ вреден 800 милијарди евра. Шефицата на ЕК смета дека безбедносниот поредок на Европа „се разнишува“, а тоа дава до знаење дека континентот повеќе не може да се потпира на „целосната заштита на САД“ и затоа е потребен сопствен безбедносен и одбранбен систем. Лично сметам дека овој план на Лајен е преамбициозен, а неговата реализација дискутабилна.
Постојат неколку клучни фактори што реално може да ја попречат неговата имплементација: Најнапред 800 милијарди евра е огромна сума, а буџетот на ЕУ е веќе под притисок од различни кризи (енергетска, мигрантска, економска) дополнително што и некои од државите членките на ЕУ веќе имаат економски проблеми (на пр. Италија и Шпанија кои се соочени со висок долг).
Второ, во ЕУ се поголема е политичка разединетост и не постои единствен став за одбранбените прашања. ЕУ се соочува со внатрешни поделби, особено во однос на односите со САД, ставовите кон конфликтот во Украина и геополитичките приоритети. Многу земји-членки на ЕУ веќе најавија дека се против дополнителни воени трошоци додека Унгарија и Словачка одамна имаат резерви кон зајакнување на европската воена моќ, бидејќи тоа не е во согласност со нивните национални интереси.
Трето, во делот на одбраната и безбедноста Европа се потпира на НАТО алијансата, и со право некои од ЕУ членките се прашуваат дали има смисла да се гради посебна воена моќ кога САД веќе гарантираат заштита преку НАТО. Четврто, ЕУ моментално има многу предизвици: економски проблеми, зголемен евроскептицизам, можни промени во политичкиот баланс и затоа овие фактори би можеле да ја стават воена интеграција на втор план. Петто, трома ЕУ администрација. Дури и да постои целосно усогласена политичка волја, европските институции се познати по бавни процеси и продедури. За реализација на ваков проект ќе бидат потребни неколку години за договори, распишување тендери, развој на индустриски капацитети итн.
Се на сѐ овој план повеќе изгледа како политичка порака за „сериозноста“ на ЕУ во однос на безбедноста и одбраната, отколку како реален проект што ќе се реализира во најавената форма. Повеќе е веројатно дека ќе видиме индивидуални зголемувања на воените буџети во одделни држави, но не и централизирана европска воена стратегија во размерот што го предлага Фон дер Лајен. Во целина, реализацијата на овој план е многу неизвесна. Една е желбата на Фон дер Лајен, а друга реалноста. Фон дер Лајен е втор мандат на чело на ЕК, а овој план и во овој размер не беше дел од нејзината кампања. Дополнително со оглед на политичките и други турбуленции кои претстојат во блиска иднина прашање е дали таа воопшто ќе остане на позиција за да ја реализира оваа преамбициозна ad hoc идеја.