
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на Фејсбук директно им се обрати на работниците, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за валкана кампања со цел да го дефокусира вниманието од клучниот проблем – ниските плати и влошениот животен стандард.
Филипче посочи дека наместо да излезе со конкретни решенија за зголемување на минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ спроведува агресивна стратегија на оцрнување против сите што бараат подобри примања. Тој нагласи дека ова не е напад врз синдикатот, туку директно врз самите работници, кои со право бараат достоинствени услови за живот.
„ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас, работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за да ве обвинат дека сте политички мотивирани,“ напиша Филипче.
Според него, лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ е очигледно – додека беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот и неговите барања, но сега, кога треба да преземат одговорност, ги напаѓаат истите тие луѓе.
„Зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни,“ посочи тој.
Филипче предупреди дека ова е смислен обид да се спречат идни барања за покачување на платите и дека ВМРО-ДПМНЕ сака работниците да останат без глас и без надеж за промени.
СДСМ, како што истакна тој, ќе продолжи да поддржува мерки што обезбедуваат повисоки примања за граѓаните и нема да дозволи лагите и манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ да ја избришат реалноста – дека животот станува сè потежок, а платите мора да растат.