
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно повика Гренланд да стане дел од САД во пресрет на утрешните парламентарни избори во оваа полуавтономна данска територија, пренесува ДПА.
„Подготвени сме да ИНВЕСТИРАМЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ за отворање на нови работни места и ДА ВЕ НАПРАВИМЕ БОГАТИ – и ако го изберете тоа, сметајте се за добредојдени како дел од најголемата нација во светот – САД“, напиша Трамп на неговата социјална платформа „Трут Соушл“.
Трамп, како и неговиот назначен функционер за владина ефикасност, милијардерот Илон Маск, ја споделија оваа објава и на платформата „Икс“.
Улрик Прам Гад од Данскиот институт за меѓународни истражувања предвидува дека изјавата на Трамп нема да има значително влијание врз изборите.
„Сигурен сум дека мнозинството гласачи во Гренланд веќе се запознаени со интересот на Трамп и имаат изградено став по ова прашање“, изјави експертот за ДПА.
Жителите на Гренланд утре ќе излезат на парламентарни избори, а во фокусот на изборната кампања беше можната независност на најголемиот остров на светот. Законските прописи за тоа како може да се постигне тоа веќе постојат.
Сите главни политички партии на Гренланд ја поддржуваат независноста, така што дебатата главно се однесува на тоа кога, а не дали да се прекинат врските со Данска. Членот 19 од данскиот устав и дозволува на владата да отстапи дел од својата територија, под услов да добие одобрение од Парламентот.
Истражувањето на јавното мислење спроведено од Институтот „Вериан“ кон крајот на јануари покажа дека 56 отсто од жителите на Гренланд ја поддржуваат независноста. Сепак, 45 отсто се против независноста ако тоа би довело до влошување на нивниот животен стандард.