
Американското Министерство за владина ефикасност (DOGE) предводено од Илон Маск објави дека открило дека илјадници заеми во вкупна вредност од повеќе од 300 милиони долари биле доделени на деца за време на пандемијата Ковид-19, во 2020-2021 година, јавија американски медиуми.
Во борбата за намалување на трошоците и корупцијата во федералната влада, DOGE откри дека Администрацијата за мали бизниси (SBA) дала скоро 5,600 заеми на луѓе кои имале 11 години или помлади во тоа време, јави Фокс њуз.
Како што се наведува, останува нејасно за што се користени овие средства.
Во исто време, DOGE објави на платформата X дека исто така е утврдено дека во истиот период биле доделени 3,095 заеми во вкупна вредност од 333 милиони долари на лица постари од 115 години.
Како што соопшти Министерството на Маск, тие заеми најверојатно се нелегални, а DOGE работи со SBA за да се реши тоа прашање што е можно поскоро.
Базата на податоци за социјално осигурување ги наведува тие лица како се уште живи, а во еден случај, заем од 36,000 долари бил даден на 157-годишен маж.
Како што истакна претседателот Доналд Трамп во говорот пред Конгресот во вторникот, парадоксално е што Управата за социјално осигурување има милиони луѓе постари од 100 години во својата база на податоци, додека едно лице, наводно, има 360 години.
Како што изјави Трамп, според податоците за социјалното осигурување, 3,47 милиони луѓе се на возраст меѓу 120 и 129 години, 3,9 милиони луѓе се на возраст меѓу 130 и 139 години, додека 3,5 милиони се на возраст меѓу 140 и 149 години.