Утрински Весник
Свет

Анализа на Би-Би-Си за маневарскиот простор на Зеленски по замрзнувањето на американската воена помош

Zelenski.webp.webp

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја суспендира воената помош за Украина ги отвори прашањата за тоа како Киев ќе одговори на овој нов притисок.

Во анализата на Би-Би-Си, британскиот медиум прашува: „Што може да направи Зеленски за да ја промени ситуацијата? Да му се извини на претседателот Трамп? Да прифати договор за минерали под какви било услови?“


Според текстот, администрацијата на Трамп очигледно сака да ја префрли одговорноста за влошените односи врз украинскиот претседател, обвинувајќи го дека не покажал доволна благодарност.

„Замрзнувањето на помошта е очигледен обид за притисок врз Зеленски да направи отстапки. Но, тој веќе даде сигнал дека е подготвен за компромиси“, се вели во анализата.

Минатата година, Зеленски во интервју изјави дека би можел да прифати загуба на териториите што Русија веќе ги окупирала, ако тоа значи дека преостанатиот дел од Украина ќе стане членка на НАТО.

Овој месец, тој дури отиде чекор понатаму – изјави дека би бил подготвен да се повлече од функцијата доколку Украина добие членство во НАТО како дел од договор со Русија.

Но, администрацијата на Трамп го отфрли ваквиот предлог, усогласувајќи се со ставот на Москва, која остро се противи на украинското членство во Алијансата.

„Што точно Трамп очекува од Русија, земја што изврши инвазија врз Украина, сè уште не е јасно“, заклучува Би-Би-Си.

Одлуката за запирање на американската воена помош доаѓа само неколку дена по состанокот на Трамп со Зеленски во Овалната соба, кога двајцата лидери имаа отворен судир околу идните чекори во конфликтот.

Висок функционер на Белата куќа изјави: „Претседателот е фокусиран на мирот. Очекуваме и нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Ова не е трајна одлука, туку пауза за преиспитување на ефектите од помошта“.

Според Блумберг, испораката на целата воена опрема што моментално не се наоѓа во Украина е стопирана. Ова вклучува оружје во транспорт со авиони и бродови, како и опрема што веќе се наоѓа во транзитни зони во Полска.

Можете да прочитате

Еврокомисијата предлага Фонд од 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната 

Кина пронајде извори на енергија доволни за 60.000 години

Арапските лидери се состанаа во Каиро за да разговараат за обновата на Појасот Газа