Утрински Весник
Македонија

Странските когенеративни централи не се решение за аерозагадувањето во државата, рeакција од Здружението на инженери

Aerozagaduvanje.webp.webp

Категорично се спротивставуваме на ставовите на премиерот и Владата дека когенеративните централи се севкупно решение за аерозагадувањето. Овие централи можат да имаат одредени економски придобивки, но нивното промовирање како главно решение за загадувањето е неточно и погрешно насочено.

Остануваме на ставот дека сите енергетски капацитети и потенцијали за соларни, ветерни, хидроцентрали, како и сите останати инвестиции во енергетиката, мораат да бидат домашни – македонски – државни! Странските инвестиции во енергетскиот сектор на македонска територија не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак го зголемуваат енергетскиот суверенитет на нашата држава. Напротив, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата на Македонија врз сопствените енергетски ресурси.


Пристапот на Владата за решавање на аерозагадувањето со изградба на гасни когенеративни централи и соодветни системи за топлификација е едностран и застарен, бидејќи природниот гас не е еколошко гориво и емитува CO₂. Покрај тоа, неизвесноста за приклучување на доволен број потрошувачи на новите цевководни системи може да ги направи овие инвестиции промашени.

Аерозагадувањето во Македонија е резултат на загадувачки индустриски капацитети, неефикасни системи за греење, согорување на несоодветно исушено огревно дрво и неконтролиран сообраќај. Неправилното урбанистичко планирање дополнително го влошува проблемот.

Решението треба да биде системско, долгорочно и современо – преку промоција на енергетски ефикасни системи за греење, развој на топлификацијата, но со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија – геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Потребно е и заострување на регулативите за индустријата и сообраќајот.

Очекуваме Владата да остане на ветувањата дека ќе се фокусира на развојот и поддршката на национални енергетски капацитети кои ќе бидат во служба на граѓаните и економијата на Република Македонија. Решенијата за аерозагадувањето мора да бидат засновани на реални и одржливи политики, а не на некакви интереси кои не се во корист на државата и нејзините граѓани. Ги повикуваме сите релевантни институции, експерти и јавноста да поддржат стратегија која ќе гарантира вистинска енергетска независност и чиста животна средина за сегашните и идните генерации.

Можете да прочитате

ВЛЕН: Наместо прослава за децата, отворањето на градинката се претвори во партиски собир

Мицкоски: Посветени сме на градење цврсто партнерство со Турција

Мицкоски од Турција: Советот за соработка на високо ниво е значаен чекор за односите меѓу двете држави чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес